Индустриската зона близу месноста Милково брдо во Делчево е уште една лажна, виртуелна инвестиција на Никола Груевски, обвини Љупчо Николовски, дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Уште во 2013 година, Никола Груевски ја најави изградбата на оваа технолошко-индустриска зона, но таа не почна со години. Во 2015 година, Никола Груевски направи уште една манипулација и за истата индустриска зона фрлаше лопата. И толку! Денес, по цели три години од најавата за изградба, наместо индустриска зона зјае празна ливада. Освен дупката од фрлената лопата на манипулаторот Никола Груевски, нема ништо друго, ниту индустриска зона, ниту фабрики, ниту нови работни места. Оваа празна ливада е уште еден симбол на лажните, неостварени, виртуелни инвестиции на Груевски и на неговите „дил ориентед“ политики – вели Николовски.
Дополнителниот заменик-министер вели дека единствените реални „инвестиции“ на Никола Груевски се парцелите на Водно, „мерцедесот“ од 600.000 евра, очилата од 60.000 долари, провизиите, тендерите за споменици вредни 630 милиони евра.
– Досега, според најавените странски инвестиции од страна на манипулаторот Никола Груевски, вкупно се ветени, а нереализирани вработувања на 34.695 граѓани. Нема индустриска зона во Берово, празна ливада е индустриската зона во Гевгелија, ја нема ниту индустриската зона во Крушево, ниту индустриската зона Мауцкер во Охрид, којашто остана депонија. Нема ниту фабрика за печурки во Свети Николе, ниту фабрика за ветерници во Тетовско. Корупцијата во изминатите години однесе многу работни места и избрка многу странски инвестиции – изјави Николовски.