СДСМ соопшти дека поднела интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, барајќи политичка одговорност поради неговото однесување кон пратениците и дејствување кое, според партијата, е спротивно на државните и стратешките интереси.
Како основи за интерпелацијата, од СДСМ ги наведуваат наводните пцовки, навреди и закани кон пратениците Фатмир Битиќи и Арбана Пашоли и други пратеници од опозицијата. Оттаму велат дека Стоилковиќ не бил повикан на одговорност, ниту се извинил за однесувањето во Собранието.
Партијата го обвинува и за промовирање руски и кинески агенди и за величање на Ратко Младиќ, осуден за геноцид. Во соопштението се проблематизираат и неговите наводни врски со српски разузнавачки структури, како и патувањето во Кина, каде што, според СДСМ, настапувал со делегацијата на Српската напредна странка.
Од СДСМ сметаат дека премиерот Христијан Мицкоски е директно одговорен за останувањето на Стоилковиќ во Владата и го обвинуваат дека политички го штити. Со интерпелацијата бараат парламентарното мнозинство да се изјасни за одговорноста на министерот.
