Од денеска граѓаните ќе можат да пријават нерегуларности во избирачкиот список на директниот телефонски број 02/ 3293-109. Потоа правниот тим на СДСМ ќе ги проследи овие пријави во соодветна законска форма до Државната изборна комисија, соопштија денеска од СДСМ.

„Jавноста секојдневно се запознава со нови и нови примери за хаосот во избирачкиот список. Огромниот број лица запишани на иста адреса и фантомските гласачи го потврдуваат тоа што СДСМ го говори цело време, дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ спроведувале криминални избори. Секој нов пример отвора нови нелогичности, нови сомнежи. На една адреса во Скопје каде што се запишани вкупно 66 лица, еден гласач, со исто име и презиме е запишан и на адреса во Ресен и на адреса во Демир Хисар. На друга адреса во Скопје каде што се запишани вкупно 30 лица, двајца гласачи од таа адреса со исти имиња и презимиња фигурираат и на адреса во Ресенско“, стои во соопштението.

Хаосот, велат од СДСМ, кој реално постои со избирачкиот список е резултат на криминална политика која години по ред го крадела правото за глас на граѓаните.

„Прочистен, веродостоен избирачки список е еден од условите за фер и демократски избори во Македонија. Затоа независната институција, Државната изборна комисија, мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список за во Македонија да важи правилото еден човек – еден глас. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги охрабрува граѓаните да продолжат да го проверуваат избирачкиот список и да го искористат законското право да пријават неправилности до Државната изборна комисија. СДСМ се става на располагање на сите граѓани за што отвори и посебен телефонски број за пријавуање на нерегуларностите во избирачкиот список. Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и со слободни медиуми“, се заклучува во соопштението од СДСМ.