fbpx

Опозицијата поднесе интерпелација за министерот Никола Тодоров

-

„Пратеничката група на СДСМ и на коалициските партии поднесе барање за разрешување на Никола Тодоров, односно интерпелација, од челната позиција во Министерството за здравство. Бараме одговорност од Никола Тодоров за системските проблеми и за целокупниот хаос во здравството што резултира со трагични последици врз граѓаните, врз пациентите“, изјави денеска Јагода Шахпаска, пратеничка од опозицијата и претседателка на собраниската Комисија за здравство.

– За само два дена, две трудници го загубија животот што е недозволиво да се случува во 21 век. Тоа најдиректно покажува дека здравствениот систем во Македонија не функционира. Несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем, со ресурсите, немањето стратегија за развој и за инвестициски вложувања го зема најскапиот данок, човечкиот живот. Факт е дека Никола Тодоров воопшто и не требаше да биде поставен на позицијата министер за здравство. Како директен извршител на политиките на Никола Груевски, тој е одговорен што македонското здравство го достигна дното. Болниците во земјава одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на граѓаните. Нема доволен лекарски кадар, нема соодветна опрема, недостига медицински материјал. Граѓаните сè повеќе плаќаат, а добиваат сé помалку и сé полоши услуги – рече Шахпаска.

Според неа, Тодоров треба да замине поради погрешните политики што ги присилија докторите да го напуштаат јавното здравство и да ја напуштаат Македонија.

– Оние лекари што останале да работат во јавните здравствени институции се преоптоварени, слабо платени и оставени без основни услови за работа. Гинекологијата е една од најзагрозените гранки. Според достапните информации, само 128 гинеколози има во јавното здравство. Македонија, според Еуростат, е на врвот на листата со починати новороденчиња во Европа. Во 2013 година, во Македонија починале дури 229 доенчиња! Електронскиот систем „Мој термин“ создаде нови проблеми. Не само што не се намалија редиците за чекање во клиниките, туку се зголемија. Не само што не се растовари терцијалното здравство, туку дополнително се внесе хаос. Сè уште трае инсулинската криза. Изгубена е довербата во системот за вакцинации зашто и овде основен критериум за набавка е најниска цена, а не квалитетот на вакцините. Уште еден дел од погрешните политики во здравството на Владата на Груевски и на Тодоров е недовршен проект за електронска здравствена картичка. Првично замислена како проект кој ќе го плати државата за да на крај го платат граѓаните. 8 милиони евра собрани од граѓаните за ова.  Тодоров мисли само на тендерите. Ама обратно. Најмногу пари се трошат за реклами, а најмалку за лекови. Така, граѓаните добиваат евтини лекови, ама скапи реклами. Поделбата на Клинички центар, воведувањето на двојни директори, само дополнително ги влошија состојбите и ги зголемија долговите на јавните здравствени установи – изјави таа.

Пратеничката посочи дека секоја година овие долгови се зголемуваат и на крајот од јуни 2015 година изнесуваат неверојатни повеќе од 3 милијарди денари или повеќе од 51 милион евра, а обврските на јавните здравствени установи надминуваат 70 милиони евра.

– На здравството во Република Македонија му се потребни нови системски решенија. Наместо министер што ќе се занимава со политиканство и со популизам, на Македонија ѝ треба министер што ќе се зафати со решавање на огромните проблеми во здравството. Само така ќе спречиме целосен колапс на здравствениот систем и загуба на нови човечки животи – заклучи Шахпаска.

Според деловникот на Собранието,членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 дена. Потоа има рок од уште 15 дена за да се закаже седницата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...