Извршниот одбор на СДСМ одлучи да нема предвремени парламентарни избори, заедно со претстојните претседателски избори, како што бараше опозицијата. Портпаролот Костадин Костадинов по завршување на седницата синоќа изјави дека, граѓаните бараат резултати во економијата, реформите и интеграциите.
„Државотворна партија на која на прво место и се интересите на граѓаните и државата не мисли на предвремени избори дури и кога рејтингот и поддршката од граѓаните е многу повисока од онаа на опозицијата. Како одговорна влада најавивме економска година, создавање силна економија која отвора шанса за сите. Економијата е раздвижена и стабилизирана, платите растат, се зголемуваат инвестициите, се отвораат нови работни места, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните.Тоа е добра основа за засукување на ракавите и посветување на резултат што го бараат граѓаните, на се она што е потребно за подобар животен стандард на сите наши граѓани“, рече Костадинов.
За претседателските избори тој додаде дека Република Северна Македонија ја очекуваат кристално чисти, фер и демократски претседателски избори на кои ќе победат граѓаните, ќе победи СДСМ.
„Извршниот одбор на СДСМ го овласти претседателот на партијата, генералниот и организациониот секретар, да направи консултации со коалициските партнери како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, за да дојдеме до консензуален кандидат за претседател на државата, заеднички да застанеме зад кандидат за кој што ќе застанат граѓаните“, додаде Костадинов.