Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска на прес-конференција објави документи и посочи кон Министерството за внатрешни работи (МВР) дека набавува софтвер за шпионажа на телефонски уреди. Според СДСМ, МВР во текот на месец мај потпишало договор за набавка на комуникациски лиценци, вклучувајќи го софтверот „Cellebrite Inseyets Online Pro“ систем кој според повеќе меѓународни извештаи бил користен за надзор на приватни комуникации.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа до медиумите велејќи дека ваквите наводи се брутална лаг и очекуваат СДСМ да се извинат.
„Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Документот кој го објави СДСМ е со датум од 15 мај 2025 година, и станува збор за Рамковна спогодба за набавка на стоки. Во документот јасно се наведува дека предмет на набавката е токму софтверот Cellebrite Inseyets Online Pro, заедно со други алатки како Recon ITR, Recon Lab, Exterro FTK Enforcement Bundle како и Magnet Witness, Magnet Axiom, Amped Five и Amped Authenticate. Програмите како Magnet и Amped се користат за видео форензика. Покрај софтверот, предмет на набавка се и обуки за користење. Вкупната вредност на договорот изнесува 9.288.000 денари со вклучен ДДВ или 150.000 евра.
СДСМ прашува зошто Министерството се одлучило за софтвер кој бил вклучен во скандали поврзани со незаконско следење. Според партијата, Селебрит и слични алатки, како што е НовиСпај, се поврзуваат со употреба од безбедносните служби во Србија, што е наведено во извештај на „Амнести Интернешенел“.
Од документот се гледа дека договорот е со важност од три години, додека рокот за испорака на лиценците е 30 дена од денот на потпишување на поединечна нарачка.
Производите на Селебрит се користат од разни органи на прогонот ширум светот, вклучувајќи и од ФБИ со цел отклучување на мобилни телефони и пребарување на податоците.
Инаку, кон крајот на февруари годинава, најави за обнова на лиценци за софтверот на израелската компанија Селебрит имаше и владата во Грузија. Според веб-страницата на компанијата, софтверот наречен Inseyets, им дозволува на органите на прогонот „пристап до заклучени уреди за да можат законски да извлекуваат критични информации од широк опсег на уреди“.
Ова се случуваше во исто време кога компанијата најави дека ќе ја сопре продажбата на нивниот софтвер на Србија по објавениот извештај на Амнести Интерненешал во кој има обвиненија за злоупотреби.
