Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дури и од опозиција имаат одговорност да не им штетат на државните и на граѓанските интереси, вели СДСМ во денешното утринско соопштение.
„Граѓански интерес е земјоделците да си ги добијат заостанатите субвенции што им ги попречи досегашната власт во заминување. Да добијат обесштетување за штетите од временските непогоди. Вработените во општините, училиштата, градинките, културните установи, другите општински установи да не останат без плата, а привремено ангажираните без надоместоци“, велат од СДСМ.
Од партијата истакнуваат дека ако продолжи блокадата на парламентот уште три недели, на 15 мај ќе престанат надлежностите на градоначалниците и на советите, а со тоа ќе се блокира исплатата на плати и на надоместоци, бидејќи нови локални избори не може да се распишат без нов претседател на Собранието.
„Неразумната блокада на Собранието што ја спроведуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, Ѓорге Иванов, ја блокира целата држава и остава простор да се реализираат сценаријата на етнички провокации од страна на Никола Груевски. И сето тоа поради стравот од соочување со одговорност на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за сторениот криминал и злоупотреби. Тоа е директно нанесување штета на стабилноста на државата и тешко протиувуставно казниво дело“, велат од СДСМ и ги го повикуваат институциите и вработените во нив да застанат во одбрана на демократските процеси, Уставот и на законите.