СДСМ сè уште го нема разгледано предлог-законот на коалицискиот партнер ДУИ за ветинг на обвинителите, судиите и политичарите со образложение дека сега се зафатени со Законот за јавно обвинителство, со кој се очекува да се реши и статусот на Специјалното јавно обвинителство, кој, по скандалот со „Рекет“, во кој е инволвирана и шефицата, Катица Јанева, остана „ни на земја, ни на небо“, пишува „Порталб.мк“.

„Во моментов сме фокусирани на Законот за јавно обвинителство, но со тек на време ќе го разгледаме и предлогот на ДУИ“, изјави кратко за „Порталб.мк“ портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Од друга страна, ДУИ сè уште не го пуштила предлог-законот во собраниска процедура, туку само го доставил на разгледување до коалициските партнери и опозицијата.

„Предлог-законот е изготвен и доставен до партнерите, како и до опозицијата. Собранието е на одмор до утре. Ќе оцениме кое е најдоброто време за да го пуштиме во собраниска процедура, пред или по Советот на Европската унија во октомври“, рече организациониот секретар на ДУИ, Артан Груби.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покрај тоа што не се согласува со Законот за јавно обвинителство, исто така не сака да се спроведе ветинг, бидејќи според нив, оваа влада е криминална и таквиот процес би се искористил само за да се исчистат кривичните дела.