СДСМ: Наместо да го стабилизира системот, раководството на ЕСМ измислува саботажи

Од партијата потсетуваат и дека РЕК Осломеј веќе десет дена не произведува електрична енергија, иако раководството на ЕСМ најавило негово враќање во системот во рок од 48 часа

РЕК Осломеј | Фото: СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја обвини управата на АД ЕСМ за, како што велат, „распад на енергетскиот систем“ и за обид да се прикрие сопствената неспособност преку тврдења за наводни саботажи во РЕК Битола. Тие реагираа на денешното соопштение на ЕСМ во кое тие сопштија дека Блок 2 на рударско-енергетскиот комбинат е надвор од функција поради пожар, а се сомневаат на саботажа.

„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека раководството на ЕСМ за да го оправдаат своето неспособно раководење, „прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените“.

Од партијата потсетуваат и дека РЕК Осломеј веќе десет дена не произведува електрична енергија, иако раководството на ЕСМ најавило негово враќање во системот во рок од 48 часа. Како доказ за „неуспешните обиди“, СДСМ приложи и фотографија, на која, како што велат, се гледа неуспешна интервенција на терен од 17 јуни.

„Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне“, стои во соопштението на партијата.

СДСМ ги повикува и останатите членови на Управниот одбор на чело со Лазо Узунчев, како што велат, „да бидат совесни и разумни“ и навремено да поднесат оставки.

Блок 2 на РЕК Битола исклучен поради пожар, комбинатот надвор од функција