Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска соопшти дека ако дојде на власт, по изборите на 11 декември ќе спроведе целосна ревизија на спроведувањето на акцијата „Ден на дрвото“.

„Како што предвидовме во нашиот „План за живот во Македонија“, ќе направиме комплетна ревизија на спроведување на акцијата „Ден на дрвото“ од стручен и финансиски аспект. Ќе утврдиме на кои површини се спроведуваше акцијата, колку средства се потрошени и колкав е ефектот од пошумувањето“, изјави денеска претседателот на комисијата за животна средина и просторно планирање на СДСМ, Пеце Мирчевски.

Мирчевски истакна дека актуелната власт потрошила милионски суми за проектот „Ден на дрвото“, кој не дал резултати.

„Според „Македонски шуми“, досега биле платени повеќе од 64 милиони садници кои чинеле повеќе од 10 милиони евра, а на терен нема никакви резултати. И покрај целата акција, и покрај потрошените пари, Скопје, Тетово, Битола и Кичево сè уште се едни од најзагадените градови во Европа. Единствената придобивка од оваа акција е што Никола Груевски може да се слика со лопата в рака додека безмилосно ги троши парите на граѓаните“, рече Мирчевски.