fbpx

СДСМ: Македонија е темна дупка на Балканот

-

Ако на -2 Целзиусови степени од струја се отсечени цели региони во земјава, што ќе се случи при најавените -20 степени? Стравуваме дека почна распадот на електро-енергетскиот систем, дело на погрешните политики на власта, на што предупредуваме подолг временски период, рече на денешната прес-конференција Атанаско Тунески, член на Комисијата за енергетика.

– Информации до Комисијата за енергетика стигнуваат во секој момент и во тек сме со сè што се случува. Последните вести говорат дека загрозени од недостиг на струја се жителите од битолско-кичевскиот регион.  Во 15 часот забележани се проблеми во РЕК Осломеј. Колку е сериозна состојбата со оваа електрана говори информацијата дека сите вработени биле повикани на работа со најава дека ќе останат колку што е потребно, поради вонредна состојба. Нешто по полноќ падна Третиот блок на РЕК Битола. Таму јагленовиот систем бил затрупан со нечист јаглен помешан со кал.  Но, падови на електро-системите има во други места низ државата. Не се засегнати само граѓаните на охридско-струшкиот и дебарско-ресенскиот регион, поради откажувања на далекуводите на МЕПСО, за што јавноста е веќе запознаена – рече Тунески.

И замислете, рече тој, луѓето со часови се во темно, смрзнати, а власта на Никола Груевски формира кризен штаб, чиниш лето е, па ги изненадиле снегот и студот.

– Ова што се случува во земјава е директна одговорност на неодговорната власт!
Од 2006 година до денес цената за пренос на електрична енергија на државната компанија МЕПСО е зголемена за 270 проценти! Каде одат парите на граѓаните од постојаното поскапување на струјата? За новата барокна фасада? За наводни снежни топови? Тоа ли се суштинските потреби на дистрибутерот на струја МЕПСО? Не, не се. Во оваа студија на МЕПСО, направена во јули 2011 година, на страна 292, точно се посочени слабите точки на електро-енергетската мрежа во битолско-охридскиот и во струшкиот регион.  Досега не е направено ништо за подобрување на напонската мрежа – изјави Тунески.

Според програмата на ВМРО-ДПМНЕ за 2011 – 2015 година, изјави Тунески, требаше да се почне со изградбата на 400 киловолтен далекувод на трансформаторските станици Битола 2 – Елбасан, Албанија.

– Должината на овој далекувод беше планирано да изнесува околу 90 километри. Во рамките на овој проект требаше да биде изградена нова 400/110 киловолтна трафостаница во Охрид. Градбата на овој далекувод вреден според планираното околу 35 милиони евра требаше да почне во 2014 година и да трае 30 месеци. Со тоа ќе се зајакнеше електро-енергетскиот систем и немаше да има проблеми со какви што сега се мачат жителите во охридскиот регион. Овој проект требаше да претставува поврзување на електро-енергетските системи на Македонија и на Албанија, а истовремено со реализација на проектот ќе се затвореше енергетскиот коридор 8. На тој начин Македонија ќе претставуваше вистинска енергетска крстосница на Балканот. Денес Македонија е темна дупка на Балканот. Сите последици, за сè што дополнително ќе се случи во електро-системот ќе биде директна одговорност на власта на Никола Груевски. Бидејќи најавите се дека вечерва Балканот ќе биде зафатен со студен бран, сите, Грција, Бугарија, Косово, Албанија и Србија ќе имаат зголемена потрошувачка на електрична енергија. Комисијата за енергетика на СДСМ почнува со целодневно дежурство и останува во постојан контакт со вас граѓаните – изјави Тунески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...