Залудно ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и министерот – лажго Спиро Ристовски се фалат дека вовеле „концепт на бесплатно образование“, кога трошоците за почеток на учебната година за еден ученик изнесуваат колку една минимална плата од 9.000 денари, се вели во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија велат дека за да ја почнат учебната година, родителите се изложени на огромни трошоци.

„Плаќаат за тетратки, ранци, осигурување, ужинка, за комплети за техничко образование и за дневен престој. Во многу училишта од родителите се бара да платат за униформи, за обезбедување, но и за бели листови за копирање, за тоалетна хартија и за сапун. Сè е тоа огромен товар на семејниот буџет“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија прашуваат што е со оние семејства што имаат двајца или тројца ученици?

„Трошоците за почеток на училишната година за тројца ученици ја надминуваат просечната плата во Македонија, која е помала од синдикалната минимална кошничка. Како родителите да издвојат пари за сите трошоци, кога повеќе од половина од вработените се со плата пониска од 12.000 денари? Со кои пари да ги подготват учениците тие 34,8 проценти од родителите кои земаат помалку од 10.000 денари плата?“, се додава во соопштението на СДСМ.