Ѓорге Иванов ги лаже граѓаните на Македонија. Лажна вест е дека со доделувањето на мандатите Иванов постапил како што постапил претседателот Глигоров во 1992 година, реагираше СДСМ денеска.
Партијата испрати до медиумите копија од соопштението од кабинетот на претседателот Киро Глигоров од 14 јули 1992 година, за кое вели дека јасно покажува оти претседателот Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, без да бара да му бидат приложени потписи од 61 пратеник и да поставува услови за програма, „како што тоа го направи Иванов со барањето до претседателот Заев“.
„Единствено што побарал тогаш претседателот Глигоров од второпласираната партија на изборите е, цитираме, „да посочат кандидат кого претседателот на Републиката би го определил за мандатар за состав на владата на Република Македонија“. Ѓорге Иванов го додели мандатот на Никола Груевски без да му бара потпис од 61 пратеник и без да поставува услови за програмата и оттука нема право тоа да го бара од претседателот на СДСМ, Заев“, се вели во соопштението од СДСМ.
Партијата порачува дека станува збор за недозволиво кршење на Уставот од страна на Ѓорге Иванов, за што се одговара според Уставот и според Кривичниот законик.