„Претседателот Ѓорге Иванов нека ја објави снимката од состанокот на Советот за безбедност, одржан на 10 мај минатата година, веднаш по настаните во Куманово. Тaа е уште еден доказ за лагите на Иванов“, стои во реакцијата на СДСМ на изјавата на претседателот во денешното телевизиско интервју.
Од СДСМ велат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, немал друг разговор со Иванов, кој во интервјуто, меѓу другото, рече дека идејата за аболиција и за амнестија потекнала од желбата на Заев да има гаранција дека нема да биде уапсен при лидерските средби на кои бил поканет и дека нема да му се попречи кариерата.
„Претседателот на СДСМ, прв, јавно ја отфрли аболицијата и повика на поништување на срамните одлуки. СДСМ поведе постапка за одговорност и за разрешување на Ѓорге Иванов од позицијата на којашто на криминални избори го постави Никола Груевски. Со тоа што Иванов го амнестираше Никола Груевски петпати, Миле Јанакиевски 16 пати, Гордана Јанкуловска 13 пати, покажа за кого одработува на штета на граѓаните, уставниот поредок и на законите во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ не се потпиша на постапката за разрешување, а Никола Груевски денеска јавно рече дека не ја отфрла аболицијата со што призна вина за целокупниот криминал“, стои во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија велат дека Иванов денеска потврдил дека зад неговата „антидржавна одлука за аболиција“, стои Никола Груевски.
„За да се заштити себеси и криминалната банда околу него, Никола Груевски нарача, а Иванов спроведе државен удар.
Јавноста се сеќава на кампањата на Ѓорѓе Иванов за претседателските избори, кога безброј пати повторуваше дека тој и Груевски работат тимски. Еве го резултатот од таа нивна „тимска“ работа“, се додава во реакцијата на СДСМ.