„Добро утро Ѓорге Иванов! По петте години криење во фотелјата на Водно, изгласан на криминални избори, Иванов денеска се осмели да предава за демократија и за дијалог во 2015 година“, реагираат од опозицискиот СДСМ со соопштение по годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.
„Да ја имал Иванов храброста за којашто зборува, да му одржи лекција за политички дијалог на менторот Никола Груевски, ќе ги видеше вистинските причини за ќор-сокакот во кој ја заглавија Македонија“, велат од опозицискиот СДСМ.
„На Ѓорге Иванов му е полесно да каже дека треба „смирено да ги прифатиме нештата што не зависат од нас“. А бидејќи ништо не зависи од него, тој смирено го прифаќа силувањето на волјата на студентите и на професорите, на хонорарните работници, на фирмите што од 1 јануари ги чека егзистенцијален шок. Тоа за Иванов не се теми за демократска дебата. Во обраќањето, тој се обиде да го оправда своето непостоење на политичката сцена, со објаснувањето дека работел на развој на економијата. Веројатно оттаму е неговата перцепција дека младите остануваат во земјава поради економските успеси и покрај податоците на Светска банка за 447.137 државјани ја напуштиле земјава. Ѓорге Иванов денеска само потврди дека Македонија нема претседател на државата“, сметаат од СДСМ.