СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија со меѓусебни обвинувања околу измените на Изборниот законик, чија собраниска процедура е блокирана поради спорот за начинот на гласање на дијаспората.
Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат, како што рече, да ја манипулираат јавноста преку Изборниот законик и прашањето за гласањето на дијаспората.
Од СДСМ велат дека не се против правото на дијаспората да гласа, туку против предложените модели кои, според нив, не обезбедуваат доволна контрола.
„Ние од СДСМ сме јасни: дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и дијаспората гласа со постојниот модел. Ние не сме против тоа право. Ние сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба“, рече Кузеска.
Таа праша зошто гласачите во земјава гласаат со отпечаток од прст, спреј, идентификација и строги контроли, додека за дијаспората се предлага електронско гласање, за кое СДСМ тврди дека нема доволно гаранции.
„Зошто во Македонија граѓаните гласаат со отпечаток од прст, спреј, идентификација и строги контроли, а за дијаспората се предлага електронско гласање без никаква реална контрола? Дали тоа е демократски? Дали тоа е фер?“, рече Кузеска.
Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува преку Изборниот законик да создаде нов механизам за изборни манипулации. Кузеска рече дека за СДСМ е неприфатливо и електронско гласање без контрола и гласање преку пошта без соодветни гаранции.
„СДСМ нема да дозволи изборен грабеж, ниту со електронско гласање, ниту со гласање преку пошта без контрола. Нема да дозволиме некој да гласа наместо другите, ниту во Македонија, ниту од дијаспората“, порача Кузеска.
Таа оцени дека за премиерот Мицкоски Изборниот законик не е вистинска цел, туку изговор, обвинувајќи ја власта дека не сака да го донесе законот за да има алиби за неисполнување на Реформската агенда.
„Тие свесно го блокираат процесот за да можат да кажат дека ‘опозицијата не дозволува’. А вистината е дека тие не сакаат ЕУ“, рече Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со спротивни обвинувања. Миле Манасиевски од партијата оцени дека СДСМ, Левица и ДУИ со различни изговори, но со иста цел, го блокираат Изборниот законик.
„Различни изговори, но иста цел, поради ниските рејтинзи, СДС, Левица и ДУИ го блокираат Изборниот законик“, рече Манасиевски.
Според него, секоја од опозициските партии излегува со различно образложение. Тој рече дека СДСМ е против олеснување на гласањето на македонската дијаспора, Левица прво добила повеќе средства, па потоа се откажала, додека ДУИ, како што наведе, отвора нови услови за начинот на одлучување во Државната изборна комисија.
„Различни образложенија, но иста цел, а таа е да не се донесе нов Изборен законик, за да се создаде алиби за поразот на опозицијата на следниот изборен циклус“, рече Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека зад ваквото однесување стојат политички калкулации и обид да се прикрие стравот од соочување со граѓаните на следните избори.
„ВМРО-ДПМНЕ останува доследно на ставот дека ги прифаќа сите барања на опозицијата, само да се олесни гласањето на дијаспората“, порача Манасиевски.
Предлог-измените на Изборниот законик, кои се поднесени во Собранието по скратена постапка, предвидуваат воведување електронско гласање од странство за државјаните кои се на привремена работа или престој во странство и кои претходно ќе се пријават за таков начин на гласање.
Според предлогот, гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва би се заменило со електронско гласање од странство, а системот би требало да го воспостави, управува, одржува и надгледува Државната изборна комисија.
Токму ова решение е главната точка на политичкиот спор. Власта тврди дека со него ќе се олесни гласањето на дијаспората и ќе се зголеми нејзината излезност, додека СДСМ предупредува дека електронското гласање не смее да се воведе без јасни и проверливи гаранции за безбедност, контрола и интегритет на изборниот процес.
Измените на Изборниот законик доаѓаат во период кога земјата има обврски за изборни реформи во рамки на европската реформска агенда и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но политичкиот консензус околу најспорните решенија засега изостанува.
