Опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ се судрија на денешната седница на Собранието на која се расправа за формирање на комисија за оценување на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов.

Опозицијата обвини дека грубо е прекршено правото за соодветна застапеност на членовите во Комисијата за импичмент на Иванов поради тоа што минатиот петок беше изгласано апсолутно мнозинство на владејачката партија. Комисијата која ќе брои 11 члена, изгласано е да има шест члена од ДПМНЕ, по два од ДУИ и СДСМ и еден од ДПА.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, владејачката партија нема право да назначи апсолутно мнозинство во Комисијата.

– Со тоа што во комисијата за импичментот на Иванов ставивте шест члена од владејачката партија, брутално го прекршивте Деловникот, таму стои соодветна застапеност на пратенички групи. Мислите дека шест луѓе ќе го спасат Иванов? Иванов не може никој да го спаси. Вие треба да напишете извештај врз база на кој што имаме сериозни прекршувања на Уставот. За господинот Димовски не е повлечена аболицијата, класичен судир на интереси има. Не знам кој аргумент ќе го употребите за да браните нешто што не може да се одбрани – рече Сугарески.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека единствен политичар за кој има активна аболиција е Зоран Заев, а Иницијативата за одговорност на Иванов е беспредметна.

– Единствен политичар во овој момент за кого има активна аболиција е господинот Зоран Заев за случајот „Глобал“, за ниту еден друг политичар нема активна аболиција која стопира постапка. Одлуката на Иванов за аболиција не ја оправдавме и поддржавме, но неговата генерална политика ќе ја браниме и заштитиме врз база на довербата што сме ја добиле од граѓаните – рече Димовски.

Пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми посочи дека нивните два члена во комисијата ќе гласаат за покренување одговорност на Иванов, бидејќи тие се сериозно заинтересирани Иванов да се соочи со дебатата во Собранието.

За ДПА пак, важно е да се разгледа соодносот во комисијата за да може да се види како ќе гласа ДУИ.