„Никола Груевски е политички изолиран од меѓународните авторитети. Последната силна порака дојде од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој денеска ја откажа средбата со Груевски, закажана за четврток“, рече Петре Шилегов, портпарол на СДСМ на денешната прес-конференција.

– Нема да помогне криењето и срамната реакција на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој се обиде да излаже дека првата средба на претседателот на Европската комисија со Груевски не била ни закажана, кога лично портпаролката на ЕК на официјална прес-конфренција информираше дека Јункер ја откажал средбата со Груевски поради развојот на ситуацијата во Македонија – рече Шилегов.

Портпаролот додаде дека наместо да се соочи со јавноста, Груевски неодговорно се обидува да манипулира скриен зад сервисот „Јутјуб“.