Единаесетте години власт на ВМРО-ДПМНЕ под водство на Никола Груевски ќе бидат запаметени единствено како години на криминал, корупција, сиромаштија и на масовно иселување на работоспособното население надвор од државата, порача СДСМ вечерва во реакција на говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, на 27. роденден на партијата.

„Катастрофата што ова криминално раководство на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја направи на Македонија е најголемиот антидржавнички чин во современата историја. Погубните политики во владеењето на Груевски и на неговите соработници резултираа со меѓународна изолација, партизирано судство, криминални тендери, урнисани државни институции и со огромно незаконско богатење на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за речиси 11 години владеење имаа неброени шанси да направат нешто добро за граѓаните и за државата. Но, наместо тоа, Груевски и соработниците беа единстевните кои правеа сè да ја осиромашат, да ја изолираат и да ја уназадат државата, додека во меѓувреме криминално се богатеа“, порача СДСМ.

Владејачката партија вели дека граѓаните навистина ќе ја увидат разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, оти СДСМ преку новата влада што ја предводи ќе ги санира штетите од владеењето на Груевски, ќе ги врати правдата, економскиот напредок и животот и ќе ги отвори евроатлантските перспективи.