Финансиската полиција да отвори истрага за начинот на кој српската Алта банка ја презеде „Стопанска Банка АД Битола“, побара денеска на прес-конференција Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.

Од партискиот антикорупциски тим тврдат дека „банкарот на Вучиќ станал банкар и на Мицкоски“ и дека зделката, која се случила пред два месеца, била одобрена од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Како сопственик на Алта банка се посочува Давор Мацура од Србија, кој, според СДСМ, од сопственик на мала менувачница за кратко станал банкар, инвеститор и магнат со силни врски со власта на Српската напредна партија (СНС) и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Српските медиуми, како што наведуваат од СДСМ, го поврзуваат Мацура со договори со државни компании како и со лица под американски санкции.

СДСМ потсетува и дека Европската централна банка му забранила да купи удел во австриската Адико банка поради сомнеж во потеклото на капиталот, а „Фајненшл тајмс“ пишувал за наводна истрага за перење пари поврзана со компанијата „Алта пеј“.

Партијата побара институциите да утврдат што стои зад зделката и дали има основ за кривична или финансиска одговорност.