Европа и светот гледаат дека однесувањето на Ѓорге Иванов не се заснова на демократски начела, пристојност и на здрав разум и затоа таква е последната порака од лидерите и од институциите на Европската Унија, што во Македонија ја пренесе претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, се вели во реакцијата на СДСМ по заедничката прес-конференција на Иванов и на Туск.

„Ѓорѓе Иванов не смее повеќе да штити криминалци и мора да овозможи мирен трансфер на власта! Со ваквото негово однесување, Иванов претставува директна закана за државните интереси на Република Македонија! Иванов и Груевски не смеат повеќе да работат на создавање бинационална држава и да го кочат заедништвото, особено кога е тоа јасно нагласено за напредувањето на Македонија кон членството во ЕУ и во НАТО“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека Европската Унија и НАТО се стратешки определби на граѓаните на Македонија, а реформските процеси се приоритет во „програмата на новата реформска влада на унитарна Македонија“.