Оценките од небулозното екстерно тестирање не смеат да се внесуваат во свидетелствата на учениците, тие треба да бидат поништени. Ова тестирање е погрешно и непрецизно и не може ништо да измери, вели претседателот на Комисијата за образование на СДСМ, Петар Атанасов.

– Учениците и родителите се под стрес. Наставниците се понижени со одземање на правото да оценуваат. Поради нападот врз наставниците, квалитетот на образованието е целосно уништен. СДСМ ќе го укине екстерното тестирање на првата владина седница, откако на следните фер избори ќе ја добие одговорноста од граѓаните да ја води државата. Заедно со сите засегнати субјекти, ќе усогласиме образовен систем по вистински успешен европски образовен модел, применлив за нашата земја. Евалуации ќе има, но само заради стандардизирање на квалитетот на образованието од Дебар до Берово и од Гевгелија до Куманово. Без оценки, без казни и без стресови. Еве, по пет години од воведувањето на квазипроектот на оваа власт наречен екстерно тестирање, нема ниту една релевантна образовна анализа, што со него добија учениците и образованието во целост – вели Атанасов.

Според Атанасов, годинава повеќе од 170.000 ученици од основните и од средните училишта се жртви на неписмените, нелогични, контрадикторни прашања и мегаломански пропагандистички тестови со кои власта на Груевски лечи сопствени фрустрации.