Фото: лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

И по втората лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, лидерите на партиите не постигнаа консензус околу датумот за избори.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се за избори на крајот на август или на почетокот на септември, додека СДСМ за крајот на јуни.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека ги предложиле 23 и 30 август и 13 септември како датуми за одржување на изборите. Датумите, како што изјави тој не се фиксни, туку има простор за нивно усогласување. Според ВМРО-ДПМНЕ тогаш здравјето на граѓаните најмалку ќе биде доведено до опасност од корона вирусот.

„Се родија многу нови правни дилеми, ја поставивме дилемата за повторно ажурирање на дијаспората. Пред нас ги имавме извештаите од Комисијата за заразни болести кои не разочараа. Очекував дека извештајот ќе биде подетален. Тука беше и дописот од ДИК кога беше кажано дека од 50 до 60 дена се потребни за организација на избори,“ истакна Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев истакна дека партијата стои цврсто на ставот дека изборите треба да се одржат на 21 јуни.  Според него, изборите треба да се организираат што поскоро бидејќи ќе следува период на нов пробив на епидемијата.

Заев смета дека формално правно, изборите треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба како што тоа го предвидува уредбата на владата за избори. Тој вели со другите правни алтернативи за избори, може да бидат прекршени Уставот и законите.

„Неодговорноста и мислењето на партиската фотелја на Мицкоски  доведе до тоа да немаме договор“, изјави Заев додавајќи дека договорот денеска не e постигнат поради Мицкоски, кој од една страна бара лидерски средби, а од друга им се извинува на граѓаните за нивното неодржување и се плаши од избори.

Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети изборите се битни, но прво треба да се има консензус за датумот и пред сè, да се имаат предвид мерките од здравствените институции.

Алијансата за Албанците и Алтернатива се за одржување на предвремените парламентарни избори на 26 јули.