„Политиките на поранешниот премиер Никола Груевски и виртуелните проекти на актуелниот градоначалник Никола Бакрачески, го ставија Охрид на првото место по бројот на иселени млади луѓе, според податоци на Заводот за статистика за 2015 година. Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не направија ништо за охриѓани. Тие мислат само на своите џебови и на личното богатење“, обвинија од СДСМ.

Криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ целосно го запустеа Охрид, додека економската преродба и економскиот развој на Охрид се трансформираа во економска стагнација на градот и во најголемо отселување на млади образовани луѓе во последниве години, смета опозициската партија.

– Затоа ја нема изградбата на развојна индустриска зона на потегот пред село Лескоец, ниту на подоцна определената локација Мауцкер, која е голема депонија на која се складира градежен шут и ѓубриште од целиот град. Ја нема изградбата на нова современа меѓународна автобуска станица. Се продаде земјиштето и толку. ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески заборавија на откупно-дистрибутивниот центар за раноградинарски производи со ладилник во село Лакчереј, иако во нивната програма беше предвидена изградба до 2014 година – стои во писменото соопштение на општинската организација на СДСМ во Охрид.

Оттаму потсетуваат дека не се изградени ниту затворениот базен и катната гаража.