fbpx

СДСМ: Демократските процеси продолжуваат, граѓаните да останат смирени

-

Демократските процеси продолжуваат по легитимниот избор на нов претседател на Собранието на Република Македонија, порачаа од СДСМ во редовното утринско соопштение, а по вчерашните случувања и по насилството во Собранието, во кое беа повредени неколку пратеници, меѓу кои и лидерот на партијата, Зоран Заев.

„Домашната и меѓународната јавност гласно ја поддржаа деблокадата на Собранието. Исто така, јасно ја испратија пораката на режимот во распаѓање дека ова е неговиот крај, дека мора да се повлече пред мнозинската волја на повеќе од 700.000 граѓани“, стои во соопштението.

Оттаму повторно нагласуваат дека врвен приоритет за граѓаните и за државата е да се реализира до крај волјата на граѓаните изразена на веродостојни избори преку брз трансфер на власта, во согласност со Уставот, деловникот и со законите во Република Македонија.

Од партијата ги повикуваат институциите да ги преземат сите потребни мерки за заштита на државните и граѓанските интереси.

„Насилството врз легитимни претставници на граѓаните во Собранието и врз законодавниот дом е резултат на политиките на конфликт, омраза, поделби, поттикнување немири, политиките на Никола Груевски, поддржани од Ѓорге Иванов и од Трајко Вељаноски и тоа не смее да се повтори. Ќе одговараат за загрозување животи сите кои учествуваа во вечерашното насилство во Собранието, како и за сите други злодела нарачани и спроведени од раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Оттаму ги повикуваат граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на режирани сценарија со кои, како што стои во соопштението, Никола Груевски и тесната криминална група околу него сакаат да испровоцираат нестабилност, затоа што во тоа гледаат сопствен спас од одговорноста.

„Во Република Македонија е направен огромен исчекор напред во демократските процеси. Избран е нов претседател на Собранието, а во периодот што претстои процесите ќе продолжат со конечно реализирање на мнозинската волја на граѓаните“, порачуваат од партијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сенатот изгласа 95 милијарди за Украина и Израел, но и потенцијална забрана за ТикТок

Сенатот на САД, односно горниот дом на Конгресот, изгласа предлог-закон кој вклучува хуманитарна и воена помош за Украина, Израел, Газа и Тајван во вредност од 95 милијарди долари, но...