Имаме сознанија за нерегуларности, клиентелизам, непотизам и за конфликт на интереси при вработувања театарски работници во театрите низ Македонија, истакна Роберт Алаѓозовски, претседател на комисијата за култура на СДСМ.

– Бараме одговор: Дали некои високообразовни институции се претворени во вистинска работилница за дипломи? Според нашите информации, студенти на овие факултети, од завршните години, набрзина дипломираат, испити се одржуваат во неиспитна сезона и уверенија се штанцаат надвор од законските рамки и процедури? Дали ова се прави за нивно експресно вработување во театрите? Дали по овој принцип е во постапка вработување на дваесетина актери, режисери и драматурзи во театрите во Скопје и во земјава? Дали е точно дека при вработувањата не се зема предвид рејтингот на образовните институции или класата на којашто студентите дипломирале, не се зема предвид успехот на кандидатите, ниту нивното портфолио, туку единствен критериум е близината до власта? – истакна Алаѓозовски.

Тој истакна дека СДСМ има сознанија дека при аудициите за вработување, некои факултети се фаворизираат надвор од објективно кредитираниот рејтинг на сметка на други. Дел од професорите ангажирани на одредени катедри, рече Алаѓозовски, имаат конфликт на интереси зашто тие ќе треба да ги примаат на работа студентите што претходно ги дипломирале.

– Поради сето ова, овие огласи се обжалени, но правдата не е истерана до крај, губејќи се во лавиринтите на зависното судство. Го повикуваме државниот просветен инспекторат да го испита скандалот со штанцањето дипломи. Го повикуваме трудовиот инспекторат да ги провери досегашните огласи и вработувањата со непотизам и по непринципиелни основи – рече Алаѓозовски.