СДСМ: Без преодна влада, договорот од Пржино е невалиден!

Договорот од 2 јуни, постигнат за време на состанокот во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав во скопско Пржино, мора да се почитува, порачал еврокомесарот Јоханес Хан, по средбата со Фатмир Бесими.

Истото го порача и американскиот амбасадор Џес Бејли на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Но, од СДСМ велат дека без преодна влада, за нив тој договор не важи.

– Наше клучно барање беше преодна влада, а без тоа нема никаков договор – рече Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ.

Договорот од 2 јуни во резиденцијата на Европската унија во јавноста го објави ДУИ и тој ги содржи следните точки:

  • До 10 јуни, партиите ќе се договорат за конкретна организација на владата што ќе ги подготви изборите;
  • СДСМ ќе се врати во Собранието и ќе раководи со анкетната парламентарна комисија основана за скандалот со прислушувањето. Комисиите за откривање и за интервенција во комуникациите, исто така, ќе бидат раководени од СДСМ и ќе почнат со работа испитувајќи ги неуспесите во надзор и во функционирање на државната разузнавачка служба;
  • Првиот извештај на овие комисии ќе биде подготвен во ноември 2015 година;
  • Со непосреден ефект, нема да има понатамошно објавување на каков било материјал од прислушување. По враќањето на СДСМ во Собранието, сите материали што ги поседува СДСМ или кој било друг, ќе бидат поднесени до Јавното обвинителство за итна постапка;
  • Кон средината на јуни и крајот на август 2015 година, ЕУ ќе го олесни меѓупартискиот дијалог (отворен за сите партии застапени во Собранието) за постигнување договор за прашањата од структурни реформи;
  • Овој договор ќе ги опфати реформите што треба да се преземат во областа на поглавјата 23 и 24, застапување и независно функционирање на надлежните државни органи, поголема слобода на медиумите и целосна согласност со мислењата и со препораките на Венецијанската комисија.