Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) повика на лидерска средба на парламентарните политички партии по како што велат настаните изминативе денови кои „ги вознемирија граѓаните, ги ставија на тест нашите меѓусебни односи и удрија по темелите на соживотот кој толку внимателно го градиме од осамостојувањето“.
Од СДСМ велат оти општеството се соочува со исклучително тензични моменти кои бараат политичките партии, институциите и лидерите да покажат максимална одговорност и зрелост.
„Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна“, велат од СДСМ.
Оттаму сметаат оти со лидерската средба можат да се обединат сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите.
„На оваа средба, сите заедно треба да испратиме порака дека Македонија е и ќе остане држава на сите нејзини граѓани. Држава која ги почитува различностите и која ги штити државните симболи, редот и мирот. Држава која не дозволува поделби, конфликти и провокации“, соопшти СДСМ.
Тие на оваа средба гледаат како можност да се покаже обединетост во заложбата за стабилност и безбедност.
„Во овој дух, го упатуваме нашиот повик до сите лидери на политичките партии да одговорат позитивно и да се приклучат на оваа иницијатива“, соопшти СДСМ.