Фото: Арбнора Мемети

Државната изборна комисија објави дека на вонредните избори за градоначалник во Штип право на глас го оствариле 14.528 од вкупно 41.777 запишани во избирачкиот список. Сашко Николов и официјално е прогласен за победник со освоени 11.668 гласови, односно 80,31 проценти од гласовите. За кандидатот на Интегра, Симон Поликарп гласале 8,25 проценти односно 1.198 гласови, и за кандидатот на ТМРО, Лазар Наумов, гласот го дале 284 гласови. Неважечки ливчиња во оваа општина има 824, односно 5,67 проценти.

– Моите сограѓани ми дадоа обврска, и ја преземам одговорноста да го исправам градот пред предизвиците кои доаѓаат. И покрај сите опструкции од ВМРО-ДПМНЕ, немајќи храброст да дадат противкандат, успеавме да победиме, а нивните опструкции не успеаја. Штип продолжува во сигурни раце – рече Николов во обраќањето на плоштадот Слобода, каде што поддршка му даде и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Според Заев, „граѓаните го казниле неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон Штип, кон центарот на македонскиот Исток.“.

Оваа победа пак, генералниот секретар Љупчо Николовски му послужи за Штип да го нарече „бастион на СДСМ“.

ВМРО-ДПМНЕ, иако немаа свој кандидат, ги следеа изборите и ги прогласиja за мафијашки. Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Иван Јорданов обвини за тортура и поткуп на гласачите.

– Вадеа луѓе болни од корона, без никакви протоколи. Се истураа со пари за глас повеќе, а цената за глас достигнуваше над двеста евра. Се правеа притисоци, закани и уцени, само за да ја зачуваат градоначалничката фотелја. Цела држава ја кренаа на нозе за само еден градоначалник и извојуваа пирова победа, која денес штипјани скапо ја плаќаат со своето здравје – обвини Јорданов.

Изборниот ден, според набљудувчката мисија на Цивил, помина со поситни изборни нерегуларности. МВР до Јавното обвинителство предаде случај на обид за гласање на двајца заболени од ковид-19, кои од саботата добиле решенија за изолација. На прекршување на здравствените протоколи е алармирано за неколку избирачки места.

Во Општина Пласница во избирачкиот список беа запишани 4.954 граѓани на девет избирачки места, а за градоначалник е избран Алија Јаоски кој добил 1.696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231.