„Саса“ за загадувањето на Каменичка река ќе добие глоба од максимум 100.000 евра

Државниот инспекторат за животна средина предложил казна од максимум 100.000 евра за рудникот „Саса“, од чие јаловиште вчера беше предизвикана еколошка катастрофа во Каменичка река во Македонска Каменица. Точната висина на казната, според постапката која ја предвидува Законот за животна средина, ќе ја утврди комисија на Министерството за животна средина и просторно планирање, во постапка за спогодување. Управата на рудникот, исто така е задолжена да преземе мерки за заштита кои се наведени во записник што го изготвила инспекцијата по увидот на терен.

Според инспекцискиот извештај, јаловишниот материјал од рудникот „Саса“ во Каменичка река истекувал од вчера рано утрото, околу час и половина пред да биде забележан. Според проценките се работи за околу 3.000 кубни метри јаловишен песок од четвртото хидројаловиште, а причината за хаваријата била контактна филтрација во десниот бок.

„Овој материјал разлеан со вода од реката Каменица довел до заполнување на зафатот на малата хидроелектрана и речното корито на реката, притоа загадувајќи ја со јаловишен материјал од хидројаловиштето кое било изградено од песок на хидроциклони со насипување во влажна состојба. Водостопанскиот инспектор составил Записник за започнување на постапка за спогодување, а компанијата треба да постапи согласно предложените мерки за заштита наведени во записникот за констатација и Решението во инспекциска постапка“, се вели во извештајот на Државниот инспекторат, по вонредниот надзор.

Управата на рудникот, информираат од Инспекцијата, го прифатила и го потпишала извештајот, што значи дека постапката продолжува пред Комисијата за спогодување при Министерство за животна средина и просторно планирање која ќе донесе конечна одлука за висината на казната.

Од компанијата, вчера преку соопштение информираа дека, според првичните податоци од нивната истрага, истекувањето не предизвикало загрозување на животната средина.

„Дефект на насипот на јаловиштето предизвикал краткотрајно истекување на јаловишни води во локалниот речен тек. Набргу по дефектот истекувањето е запрено и состојбата е нормализирана. Професори од рударскиот факултет во Штип и градежниот факултет во Скопје, заедно со стручни екипи на компанијата, отпочнаа детална истрага за да ги утврдат причините за инцидентот. Првичните резултати од истрагата покажаа дека дефектот не претставува закана за здравјето и безбедноста на вработените во рудникот и на жителите во неговата околина“, напишаа од рудникот „Саса“.