Францускиот суд денеска треба да одлучи дали поранешниот претседател на земјата, Никола Саркози, може да биде ослободен од затвор во исчекување на неговата жалба против петгодишната казна за криминален заговор за добивање средства за изборна кампања од режимот на покојниот либиски диктатор Моамер Гадафи.
Саркози е во затвор од 21 октомври, но неговите адвокати веднаш побараа тој да биде ослободен во исчекување на судењето, со алка на глуждот или домашен притвор, или преку други достапни опции.

Саркози, од своја страна вели дека животот во затвор е многу тежок. Тој се пожалил дека неговиот живот во затвор бил исцрпувачки, бидејќи инсистира дека е невин.

„Никогаш нема да признаам нешто што не сум го направил“, рече тој, додавајќи дека продолжува со својата борба за вистината да победи.

Канцеларијата на јавниот обвинител се чини дека се согласува за ослободување на Никола Саркози од затвор и воведување судски надзор преку други средства, поткрепено со забрана за контактирање со секој друг вклучен во либискиот случај, објавуваат француските медиуми.

За време на сослушувањето, Саркози беше прашан и за неговите професионални активности и патувања, што може да сугерира дека ова прашање би можело да биде дел од наредбата на судот. Одлуката на судот се очекува во 13:30 часот по локално време.
Доколку Саркози биде ослободен со алка на глуждот, тоа нема да биде првпат. Ројтерс забележува дека минатата година, највисокиот суд во Франција потврди посебна пресуда за корупција и злоупотреба на влијание, наредувајќи му да носи електронска алка една година, што е првпат за поранешен шеф на француска држава.

АФП забележа дека поранешниот претседател минатиот месец го посетил министерот за правда Жералд Дарманин, и покрај предупредувањата од главниот обвинител на Франција, Реми Хајц, дека тоа ризикува поткопување на независноста на судиите пред жалбеното судење.

Минатата недела, Саркози ги искористи своите социјални медиуми за да им се заблагодари на луѓето за сите писма за поддршка испратени до затворот, додавајќи: „Крајот на оваа приказна сè уште не е напишан“.