Сара Џесика Паркер го пофали „Медена земја“, а ја критикуваа зошто не додала “Северна“ во името

Познатата актерка Сара Џесика Паркер, најпозната по нејзината улога на Кери во серијата „Сексот и градот“, објави на својот Инстаграм профил неверојатни пофални зборови за документарецот „Honeyland“ (Медена земја) и за тимот кој стои зад него.

„Медена земја е неверојатна, визуелно восхитувачка, интимна, а сепак епска приказна за пчеларката Атиџе Муратова. Жена која нема никогаш да ја заборавам! Има причина зошто филмот ги собра сите награди за документарци“, напиша славната актерка.

Таа потоа им се заблагодари на режисерите и вели дека „Медена земја“ ќе биде една од најдобрите номинации за оскар оваа година.

Интересно е тоа дека и покрај тоа што оваа објава е фокусирана на културата и филмот како магично средство за раскажување приказни, кои можат од мала држава како нашата да стасаат и до холивудските кругови, сепак дури и оваа објава не помина без мала политичка сенка. Имено Џесика во оригиналната објава ја именувала нашата држава како Република Македонија, по што добила голем број коментари од Инстаграм корисници од Грција, кои барале да ја смени својата оригинална објава и да додаде „Северна“. По ова Џесика го сменила постот и била приморана јавно да се извинува во коментарите на објавата.

По неколку часа, коментарите на оваа објава беа исклучени, а Сара објави додаток на објаснувањето на постот.

„Гледам дека има голема дискусија околу овој пост и името на државата. Мојата цел беше да привлечам што е можно повеќе публика да го гледа одличниот документарец Медена земја. Не завземам политичка страна, а во иднина ќе се потрудам да научам повеќе за ситуацијата. Во меѓувреме гледајте го Медена земја“, напиша актерката.