Сандра Туфеска е победничка во првиот циклус на платформата „Ново име“ која поддржува млади таленти

Сандра Туфеска е добитничка на 2.500 евра на платформата „Ново име“, која ги поттикнува младите таленти да аплицираат за овие средства, доколку имаат одреден талент.

Туфеска е 20-годишна девојка од Демир Хисар која се претставила со својата вештина на цртање портрети, акрил на платно и молив на хартија.

„Нејзината пријава се најде помеѓу 17 други, колку што ги задоволија неопходните критериуми во тек на првиот циклус на овој проект, чија што реализација започна во јануари, да се појави на платформата novoime.mk. Во борба за секој глас, која траеше до крај на минатиот месец, токму таа излезе како победник и со самото тоа се избори за можноста да го унапреди својот талент за цртање“, велат од компанијата „ХТЛ Македонија“ која го поддржува проектот „Ново име“.

Од таму апелираат да се пријават и други млади талентирани луѓе. Односно пријавите кои порано ќе пристигнат, порано ќе го поминат и тестот на валидноста и ќе бидат објавени на платформата. На тој начин, авторот ќе има повеќе време за собирање победнички гласови. Следниот победник ќе биде познат веќе на 1 март.