Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно предупреди дека климатската криза директно ги загрозува човечките животи, додека земјата се соочува со големи шумски пожари, суши и сè почести топлотни бранови.
„Климатската криза убива“, порача Санчез, нагласувајќи дека не е доволно властите само да се справуваат со последиците, туку мора да ги намалуваат причините, да ги предвидуваат ризиците и подобро да ја подготват земјата за заштита на населението.
Во првите седум месеци од 2026 година пожарите во Шпанија уништиле повеќе од 180.000 хектари земјиште, објави „Гардијан“.
Шпанија е особено изложена на последиците од глобалното затоплување, меѓу кои се сушите, опустинувањето, екстремните температури, обилните дождови и шумските пожари. Истражување објавено во декември 2024 година покажало дека 84 отсто од жителите на земјата ја сметаат климатската криза за реална закана за луѓето и за планетата.
Сепак, меѓу власта и опозицијата не постои политичка согласност за справувањето со кризата. Конзервативната Народна партија го одби предлогот на Санчез за национален договор за климатска подготвеност и ја обвини владата дека ја користи климатската криза за да го прикрие лошото управување со природните катастрофи.
Крајнодесничарската партија Вокс, пак, тврди дека сегашните пожари не се поврзани со климатските промени, туку со недоволното расчистување на вегетацијата во руралните области и слабите вложувања во противпожарните служби.
Експертите посочуваат дека пожарите се резултат на комбинација од повеќе фактори – напуштањето на руралните области, наталожувањето сува и лесно запалива вегетација и зачестените топлотни бранови предизвикани од климатските промени.
Метеоролозите демантираа лажен документ
Европратеникот на Вокс, Хорхе Буксаде, неделава објави наводен документ од шпанското Министерство за воздухопловство, со кој се обиде да покаже дека температури повисоки од 44 Целзиусови степени биле регистрирани во Шпанија уште во педесеттите години од минатиот век.
Шпанската државна метеоролошка агенција АЕМЕТ соопшти дека документот е лажен и дека податоците за сите наведени мерни станици, освен за една, не се точни.
Од АЕМЕТ нагласија дека појавата на топлотни бранови и во минатото не ги побива климатските промени, бидејќи денес тие се случуваат почесто и се поинтензивни.
