Екологистите се против предложената форма за заштита на Водно со Одлука бидејќи сметаат дека на тој начин не се нуди вистинска заштита на планината и бараат постапката да се стопира. Тие на денешната јавна расправа за Нацрт Одлука за Прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V- заштитен предел, предложена од Министерството за животна средина, екологистите, дел од научната фела, па и претставници од некои институции, се согласија во ставот дека Водно мора да се заштити со специјален закон, решение со кое ќе се забрани целосно понатамошна урбанизација на ова подрачје.
Во расправата која траеше речиси три часа и во која учествуваа стотина учесници, екологистите забележаа дека институциите целат кон про-форма прогласување на заштитено подрачја за да се прикаже зголемување на површината на овие подрачја во земјата, а без да водат грижа каква заштита навистина му е потребна на Водно.
„Потребна е интегрирана заштита и lex specialis за Водно. Да беа земени забелешките на граѓанските организации уште на почетокот од овој процес, до сега тој закон ќе беше на сила. Впрочем, самиот градоначалник Шилегов пред две ипол години се залагаше за ваков закон, но очигледно се откажа“, посочи Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“
Екологистите забележуваат и на предлогот во Нацрт -Одлуката управувањето со Водно да се додели на Градот Скопје бидејќи, како што велат, оваа институција и досега имаше шанса да го заштити Водно како парк- шума, но потфрли. Сега, сметат, со донесување на многу полиберален акт и заштита која ќе дозволи градби за домување и хотели во зоната за одржливо користење, ќе управува уште полошо.
Како една од најголемите закани од кои во иднина мора да се заштити Водно, според Васил Атанасовски, кој е дел од стручниот тим, се големата урбанизација што изминатите децении се случуваше особено на северниот дел од планината, како и пробивањето на патишта низ Водно, како тој на Сончев град кој има негативни влијанија на населбите под него. Поголема закана на која сме сведоци секоја година се и пожарите, но и собирањето на шумски плодови особено габите и нелегалниот лов. Атанасовски како закана за Водно ги лоцираше и големиот број на концесии издадени од АЕК за радиопредаватели на повеќе телевизии и радија.
Професорот Иван Блинков се согласи дека заштита со закон е подоброто решение и ги потенцираше опасностите од продолжување на урбанизацијата, која уште повеќе ја потенцира опасноста од поплави и ерозија.
„Оваа одлука е еднострана. Вистинската заштита треба да се обезбеди со закон за Водно. Во последните години се направени повеќе студии за Водно, а со студијата за поплавување на Скопје, симулациите на поплава со води од Водно се загрижувачки “, посочи Блинков и даде свој предлог на зонирање на заштитеното подрачје.
„Водно штити од поплави и ерозивни процеси и е од исклучителна важност за главниот град. Заради тоа сметаме дека безбедносниот момент мора да има првенство“, посочи и професорката Македонска Стојановска од Шумарскиот факултет и додаде дека не се согласува со заштита на Водно базирана на законот за природа, туку со посебен закон кој ќе го опфати и делот за природата.
Саша Јовановиќ од Министерството за земјоделство посочи дека предлагачот не го почитува законот за заштита на природата бидејќи во текот на постапката нема мислење од Националниот совет за заштита на природа. Тој го поддржа ставот дека е потребен посебен закон за Водно и дека планината нема биолошки вредности кои налагаат да се заштитува врз основа на законот за природа.
Професорот Ивица Милевски од ПМФ, пак, се согласи дека незаштитено Водно е закана за Скопје, но ја поддржа намерата за заштита со Одлука, бидејќи, како што посочи потребно е што поитно решение за планината, кое во иднина ќе се проширува и дополнува, првенствено преку Планот за управување, како и со други акти.
Нацрт Одлуката која ја предложи Министерството за животна средина предвидува прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V- заштитен предел да претставува вистинска заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности на планината. Заштитата на една од најзначајните локации за Скопје значи и назначување на Градот Скопје како субјект кој ќе се грижи за управувањето и кој ќе мора да донесе План за управување кој ќе биде согласно одредбите од Законот за заштита на природата.
Површината на идното заштитено подрачје на Водно ќе биде речиси 4.000 хектари, од кои во зоната за строга заштита зафаќа ќе има 276,3 хектари или 6,9 отсто од вкупната површина на заштитеното подрачје, зоната за активно управување е најголема и зафаќа 52,3 отсто од вкупната површина на заштитеното подрачје, а во зоната за одржливо користење влегуваат 1532 хектари, околку кои се протега заштитен појас.