Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посетил болницата „Д-р Ферид Мурад” во Гостивар и во изјава за медиумите кажа дека во последните 24 часа овде биле примени 260 лица со стомачни тегоби, од кои 100 на детскиот оддел и 160 на инфективниот оддел. Првите случаи во болницата се регистрирани на 13 јули, во доцните ноќни часови, иако се можни претходни индивидуални случаи. Вкупниот број надминува илјада пациенти. Вчера, инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) заедно со полицијата и претставници на Министерството за животна средина утврдиле дека во главниот цевковот нелегално е поставена пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар.
„Сите пациенти имаат стомачни проблеми (дијареја, повраќање), некои со треска (температура) и дехидратација. Се третираат со инфузии (за дехидратација) и симптоматски, а најголемиот дел се упатуваат на домашно лекување. Три деца се задржани на набљудување. Пациентите се од сите возрасни групи, најмногу деца и возрасни со коморбидитети. Повеќето се од Гостивар, но и од околните населени места Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште“, кажа Клековски.
Тој информира дека истражувања вршат Институтот за јавно здравје (по барање на Јавното обвинителство), Центарот за јавно здравје и болницата.
„Се истражуваат примероци на вода, лабораториски крвни анализи и копрокултура. Примероците на вода се испитуваат хемиско-физички (вкл. тешки метали), бактериолошки и паразитолошки. Другите анализи се фокусираат на бактерии и вируси (адено-, рота-). Досега се земени само 18 епидемиолошки анкети, а недоволно копрокултури. За соодветна анализа неопходни се многу повеќе. Разбирајќи ја состојбата на пациентите, апелирам на соработка со епидемиолозите! Според демографијата, географијата и времетраењето на случувањата, неофицијално може да се исклучи храната како извор на проблемот. Другите опции треба да ги потврдат епидемиолозите. Дел од информациите се во надлежност на Јавното обвинителство.
Во АХВ рекоа дека тие издале времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем.
„Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем“, соопшти АХВ од каде додадоа дека зеле мостри од водата за лабораториско тестирање.
Директорката на јавното претпријатие Комуналец – Гостивар, Арта Асани, во изјава за локалните медиуми демантираше дека водата била проблемот велејќи дека последните три анализи кои ги направиле во текот на овој месец, без да прецизира кога било тоа, покажале дека водата е безбедна за пиење и во согласност со законските правила и стандарди за вода за пиење.
Таа понатаму вели дека синоќа заедно со Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје претставници на јавното претпријате зеле дополнителни мостри од водата, а првичните резултати покажале дека водата е безбедна за пиење.
„Сега ги чекаме и останатите резултати и ќе излеземе со официјално соопштение доколку има некаков проблем со водата за пиење“, вели Асани.
Пред околу три недели, поточно на 24 јуни, токму надлежните од општина Гостивар на нивната Фејсбук страна известиле дека водата не е безбедна за пиење бидејќи преземале активности за подобрување на притисокот во водоводната мрежа.
