fbpx

Само во Македонија рециклирањето не е бизнис

-

Само акумулаторите, од целиот селектиран отпад во земјава, се преработува и се користи како секундарна суровина. Во Македонија рециклирањето не е бизнис, а домашните инвеститори не гледаат интерес во технологии за одржлива економија.

Пластиката, хартијата, стаклото, лименките, електричните апарати, компјутерите и батериите се дел од отпадот што македонските граѓани секојдневно го селектираат и го исфрлаат од своите домови. Ништо од тоа не се искористува во земјава, туку се извезува во други држави, најчесто во регионот, каде што се преработува во нови производи и со додадена вредност се пласира на пазарите.

Бугарија, Грција, Србија, Романија се крајните дестинации речиси на сите видови отпад, дури и на опасниот, кој е содржан во некои компоненти од електричните и електронските апарати. Токму негативниот став кон отпадот, кој се гледа како опасност, а не како суровина, е една од причините што во земјава рециклирањето речиси и да не постои.

„Македонија е мал пазар и количините кои се собираат не се доволни за ниту еден инвеститор да размислува да вложи во нови технологии. Дополнително, ставот кај нас за увозот на отпад, дури и на неопасниот е познат, што значи дека нема ниту појдовна математика за рециклирањето на електричниот и електронскиот отпад да стане одржлив бизнис, смета Фана Христовска, управител на „Елколект“, компанија која има лиценца да постапува со електричен и електронски отпад.

За разлика од кај нас, посочува таа, во соседна Бугарија има рециклаторни капацитети речиси за сè, а тоа важи и за речиси сите европски држави, кои целат кон одржливост и циркуларна економија и отпадот го третираат како суровина. 
Фабрика од Пробиштип е единствениот преработувач на отпадните акумулатори кои се собираат преку мрежата на „Елколект“. Батериите, светилките и поголемиот дел од отпадот од апаратите за домаќинство, компјутерите и другото одат во Бугарија и мал дел во Грција. Минатата година членките на Елколект пуштиле на пазарот над 900.000 килограми електрична и електронска опрема, од кои собрани и преработени се над 300.000 килограми или 33,8 отсто.
Во 2019 година собрани и преработени се и над 43.000 килограми отпадни батерии и акумулатори, а бројот на рециклирани автомобилски батерии и аклумулатори е поголем од бројот на пуштени во промет.
„Акумулатор нема да најдете на ниту една депонија во земјава, бидејќи имаат вредност. Секој купувач, стариот акумулатор го остава во продавницата, за тоа добива попуст, а отпадниот од тука заминува на рециклирање и кругот е затворен. Вредност имаат и, на пример, матичните плочи од компјутерите, кои содржат злато, платина и други вредни метали, но за жал сето тоа се изнесува од земјата бидејќи кај нас едноставно нема технологија за одвојување и реупотреба“, посочува Христовска. 
Во Бугарија заминува и целото стакло кое се собира во зелените ѕвон контејнери на „Пакомак“ или пак преку ХОРЕКА мрежата. Хартијата оди во Србија или Словенија, а мал дел и во Бугарија или Турција. Пластиката, пак, се извезува во Бугарија и Романија, металот во Бугарија, додека алуминиумот, поточно лименките, се носат во Грција. Минатата година компаниите во мрежата на оваа компанија на пазарот пуштиле над 50.000 тони отпадна амбалажа, од која 28.000 тони, или 55,4 отсто заминале на рециклирање.
„Во Македонија нема ниту еден капацитет кој рециклира отпад од пакување. Порано имаше капацитети за пластика, кои отпадната пластика ја преработуваа до гранулат, што, пак, се користеше за производство на нови пластични предмети, но сега сета количина која ја собираме се извезува. Најчесто тоа се земјите во околината, бидејќи имаат модерни капацитети со кои можеме да соработуваме, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа за корисници во „Пакомак“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...