Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 17-то издание беше отворен на 20 август во Куршумли ан со традиционалниот поздрав со кромид в рака од екипата кон публиката, која објектот Куршумли ан го исполни до последно место. Пред почетокот на филмската програма се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков во име на целата екипа на „МакеДокс“.
„Од 20 до 27 август повторно сме заедно под мотото „Само сонот е стварност“. Можеби звучи како бегство од реалноста, но за нас е токму спротивното. Соништата се тие што нè тераат да ја менуваме реалноста – да создаваме, да истражуваме, да се поврзуваме и да веруваме дека нештата можат да бидат поинакви. А што е филмот, ако не сон што некој успеал да го претвори во стварност на платното? Ова мото годинава има и едно посебно значење за нас.
„Само сонот е стварност“ е наслов на книга на една од нашите најзначајни филмолози и филмски критичарки – Илинденка Петрушева, нашата Бабе“, посочи Набаков.
Ферро, пак кажа дека документарниот филм е живо сведоштво за времето во кое живееме, за луѓето околу нас и за вистините кои понекогаш најдобро ги гледаме токму кога ќе се изгаснат светлата и ќе се осветли платното.
„Нашата мисија е платното и приказните што ви ги носиме да останат достапни за што повеќе луѓе“, рече Ферро.
Филмската програма почна со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Приказната во филмот „Кон запад, во Запата“ се одвива во оддалечените мочуришта на Запата во Куба, каде Ланди и Мерцедес се борат да го израснат својот син среде економски колапс и сè поголеми општествени немири. Принудени на болни разделби и тешки одлуки, тие се обидуваат да го зачуваат своето семејство. Филмот е интимен портрет на истрајноста, љубовта и цената на опстанокот.
Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ беше изведен проектот „Концертно пијано на Спејс докс едишн“ со Саша Латука и Емил Петро, а во полноќните часови со свој диџеј сет настапи Зоки Бејбе.
Фестивалот „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и во Албански театар во Скопје.
Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“. Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Шпанија, Италијанска амбасада, Слoвенечкиот филмски центар, Халк Банка, Скопско смут, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, Едукативен културен центар „Лабораториум“, Албански театар – Скопје, Хотел „Мериот“, кафе и филм „Котур“ и такси „Глобал“.
