Речиси секоја држава има позагаден воздух отколку што лекарите велат дека е здраво да се дише, покажува нов извештај.
Само седум земји ги исполниле критериумите на Светската здравствена организација за ситни токсични честички познати како PM2,5 минатата година, покажува анализата на швајцарската технолошка компанија за квалитет на воздухот IQAir.
Австралија, Нов Зеланд и Естонија беа меѓу неколкуте земји со годишен просек на не повеќе од 5 µg PM2,5 на кубен метар, заедно со Исланд и некои мали островски држави, пишува Гардијан.
Најзагадени земји биле Бангладеш, Пакистан, Демократска Република Конго и Индија. Нивоата на PM2,5 во сите тие земји биле најмалку 10 пати повисоки од препорачано во 2024 година, покажа извештајот.
Докторите проценуваат дека милиони животи може да се спасат секоја година ако критериумите за чист воздух се исполнети.
„Загадувањето на воздухот не нè убива веднаш – потребни се можеби две до три децении пред да ги видиме влијанијата врз здравјето, освен ако не е многу екстремно“, вели Френк Хамес, извршен директор на IQAir.
Загадувањето на воздухот во Индија, која е дом на шест од 10-те најзагадени градови во светот, се намалил за 7 посто помеѓу 2023 и 2024 година. Квалитетот на воздухот во Кина, исто така, се подобрил.
Квалитетот на воздухот во Пекинг сега е речиси ист како и во Сараево. Сараево е најзагаден град во Европа втора година по ред, се наведува во извештајот.
Зорана Јовановиќ Андерсен, еколошки епидемиолог на Универзитетот во Копенхаген, која не беше вклучена во извештајот, кажува дека резултатите истакнале некои застрашувачки факти за загадувањето на воздухот.
„Се гледаат огромни разлики дури и на еден од најчистите континенти. Граѓаните на источноевропските и балканските земји кои не се членки на ЕУ дишат најзагаден воздух во Европа, а има 20-кратна разлика во нивоата на ПМ2,5 меѓу најзагадените и најмалку загадените градови“, изјави таа.
За да го направат рангирањето, истражувачите собираат просечни податоци во реално време за загадувањето на воздухот, измерени на ниво на земја, во текот на календарската година. Околу една третина од единиците беа управувани од влади, а две третини од непрофитни организации, училишта и универзитети и приватни граѓани со сензори.