fbpx

Само половина кампања, а цела серија инциденти, крв, насилства…

-

Предизборната кампања за локалните избори е веќе на половина, а е силно обележана со насилство, крв, солзи, палки, куршуми и со демолирање изборни штабови.

Во најновиот случај, Елвис Бајрам, актуелниот градоначалник на општина Шуто Оризари, и Аднан Мемет, шеф на неговиот изборен штаб, вчера изеле ќотек во населбата Шуто Оризари. Според тоа што го кажаа, четири непознати лица физички го нападнале прво Мемет, а потоа и Бајрам. Насилниците побегнале, а екипа на брзата помош констатирала тешки повреди кај Бајрам. Веднаш бил однесен во скопската градска болница „8 Септември“, каде поради сериозноста на повредите бил хоспитализиран. Пратеникот Амди Бајрам тврди дека напаѓачите што го истепале син му Елвис се поврзани со кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Курто Дудуш.

Од другата страна, пак, сосема поинаква верзија – Курто Дудуш ги обвини Елвис Барјам и приврзаниците. Пратеникот од редовите на СДСМ вели дека тепачката, како што му пренеле, ја предизвикале Елвис Бајрам и неговите телохранители. Според него, Елвис и неговите придружници дошле и ги кинеле плакатите на Курто Дудуш залепени на штабот на СДСМ, сместен во дуќан на партиски симпатизер.

МВР вети дека ќе го истражи овој случај, како и претходните, но засега нема завршница за ниту еден.

Подолу е визуелизацијата на сите досегашни инциденти и подетално нивно објаснување.

  • Вчерашната тепачка беше продолжение на серијата инциденти од почетокот на изборната кампања, од кои сè уште најтежок е оној со тројцата ранети во Кичево на 27 септември. Носителот на независна листа на советници во Кичево, Алит Абази, бил застрелан во слабината, а Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Иако беше отфрлено мислењето дека станува збор за политички мотивиран инцидент, сепак останува фактот дека станува збор за учесници во кампањата.
  • Таа, пак, почна со многу оштетени штабови на политички партии, но и со излог на штаб измачкан со измет. На првиот ден од кампањата, 25 септември, бил искршен излог на штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, додека во Аеродром излог на изборен штаб на СДСМ, како што информираат од партијата, бил измачкан со измет.
  • Еден ден подоцна, односно ноќта меѓу 26 и 27 септември, непознати сторители насилно влегле во штабот на Демократската партија на Србите во Македонија на булеварот Кочо Рацин во Скопје. Откако претходно ги искршиле катанците со кои била обезбедена влезната врата, влегле и претурале низ канцеларијата. Иван Стоиљковиќ, претседателот на партијата, вели дека се работи за обид за политички притисок и за застрашување на членството.
  • Речиси во истото време, во населбата Расадник во општина Бутел, бил искршен месниот штаб на СДСМ Бутел. Непознати сторители ги искршиле прозорците и влезната врата на штабот, ги искинале постерите и ја оштетиле светлечката реклама.
  • Во петокот, на 29 септември, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Македонска Каменица, Дарко Митевски, го обвини противкандидатот од СДСМ и од коалицијата за искинати плакати во селата, кои потоа биле фрлени пред неговиот дом. Исто така, во петокот било пријавено дека е искршен излог на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на улицата Моша Пијаде во Кавадарци.
  • Ноќта меѓу саботата и неделата, на 1 октомври, биле искршени две стакла на излогот на изборниот штаб на Беса на улицата Тале Христов, во скопската населба Скопје Север и биле искинати шест плакати.
  • Вчера, пак, на 2 октомври, ВМРО-ДПМНЕ информираше дека е искршен партискиот изборен штаб во Битола. Според нив, искршениот штаб е доказ за нервозата на СДСМ од поразот на претстојните локални избори.
  • Вчера, засега непознат сторител ги скршил стаклото од излогот и стаклото од влезната врата на изборен штаб на СДСМ во скопското село Инџиково. Според полицијата, се работи на откривање на сторителите.
  • Утрово избувнал и пожар во пекарницата „Кендо“ во населбата Ѓорче Петров. Допрва ќе се утврдуваат причините за пожарот. Тоа што е интересно е дека пекарницата и куќата во која е таа се на Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Ѓорче Петров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...