Од вкупно 98 лица од Штип кои досега се пријавиле за гласање од дома, само двајца спаѓаат во групата на болни од ковид-19 и на лица во самоизолација. Тие треба да гласаат на првиот изборен ден, на 13 јули, додека следниот ден е определен за гласање на немоќни и болни лица.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти претседателката на Општинската изборна комисија во Штип, Сенка Андреева, според која има промена на локацијата на 14 избирачки места. Промената е поради незадоволување на потребните здравствени стандарди, според протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести.
Поголем дел од овие 14 избирачки места се на територијата на град Штип, додека промени се направени и во четири села – Почивало, Чардаклија, Криви Дол и Лакавица, каде гласањето ќе се одвива во подрачните училишта и приватни објекти – деловни простории на компании.
Утре истекува рокот за пријавување на болните од ковид-19 и на лицата кои се во домашна изолација, а кои сакаат да гласаат на претстојните парламентарни избори. Тие треба да се пријават во Општинските изборни комисии. Од околу 5.000 лица низ целата земја, досега се пријавиле само 19 граѓани за гласање во нивните домови, кое ќе се реализира со посебни избирачки одбори.