фото: Steven Cornfield на Unsplash

Само десет проценти од новодијагностицираните пациенти во изминатите седум дена се вакцинирани, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Од вкупно 3.497 новозаразени пациенти, 3.047 биле невакцинирани.

Бројот на новозаразени во последните денови во земјата нагло расте. Филипче вели дека според динамиката со која се зголемува бројот, пред нас се неколку денови или недели во кои ситуацијата може да биде навистина критична. Според него, бројот на нови инфекции и хоспитализирани е особено голем во градови каде со вакцинација се опфатени околу 20 проценти од граѓаните, а такви се општините Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево.

Филипче денеска имаше средба со директорите на Општата болница и Центарот за јавно здравје во Охрид, каде се вакцинирани околу 50 отсто од граѓаните.

Тој уште еднаш порача дека вакцината е безбедна и ефикасна и дека државата има доволен број на вакцини.

„Она што охрабрува е дека од вкупниот број на вакцинирани во нашата држава, околу 400.000 ревакцинирани и околу 500.000 со прва доза, само 0.002 отсто се заразиле, што укажува на тоа дека само вакцинираните граѓани, таа популација е прилично сигурна и безбедна“, изјави Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот потенцираше дека според анализата направена пред една недела, околу 40 проценти од новодијагностицираните изјавиле дека биле на некаква прослава.

Филипче од Охрид најави и дополнување во однос на мерките кои стапуваат на сила од понеделник. Освен со бараниот сертификат за вакцина за најмалку една доза, за сите настани што се организираат на затворено или отворено ќе може да се приложи и потврда дека пациентот бил заболен од ковид во рок од 45 денови.

„Тоа се оние неопходни 30 дена да помине времето за вакцинацијата и петнаесеттина дена да се организира вакцинацијата“, рече Филипче.

Инаку, според мерките кои ќе важат од 16 август, при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти каде има повеќе од 30 гости и за било каков настан, се задолжува редарска служба, заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација.