fbpx

Само 7 години има најмладиот пациент со депресија во Македонија

-

Се помали се децата кои имаат симптоми и знаци на депресија, односно кај кои се јавуваат депресивни манифестации, предупредуваат детските психолози и психотеравпевти.

Само седум години има најмладиот пациент со кој работи психологот Катина Павлоска во Центарот за ментално здравје на деца и младинци.

Во Македонија не се води точна евиденција конкретно за оваа патологија. Според податоците на Светската здравствена организација пак, во светот, од 10 до 20 отсто од децата и адолесцентите икусуваат ментални растројства. Половина од менталните болести започнуваат од четиринаесетгодишна возраст. Невропсихијатриските состојби се водечки кај младата популација во сите региони во светот.

Менталното здравје кај младите во европскиот регион. Извор: СЗО

– Водечки страв кај децата е стравот од неуспех, на било кое поле. Не знам колку се свесни родителите што им прават на нивните деца со изјавите „Ако не учиш никој нема да те сака“. Симптоми на депресија се јавуваат многу рано, уште во училиштната рана возраст. Но ние тоа не го ставаме во депресија, туку го нарекуваме депресивни манифестации. За жал, тие се јавуваат на сѐ помала возраст. Причините се бројни, има повеќе компоненти, всушност како за сите емоционални и психолошки состојби. Влијание имаат самото воспитување, околината, загубата. Депресијата знае да биде одговор на загуба. Но, не мора таа загуба да значи загуба на блиска личност, туку загуба во смисла на тоа кога детето се префрла во ново училиште, со што следуваат стравовите на пример, дали ќе биде таму прифатено. За тоа дали едно дете ќе пројави симптоми на депресија, има улога биологија, но и семејство. Емоционалните проблеми и депресијата најчесто одат со анксиозноста, а со тоа и стравови, опсесивно фобични негативни мисли за себе, страв дали ќе успее, дали ќе биде сакано – објаснува Павлоска за „Мета.мк“.

Околу третманот на депресијата кај деца, Павлоска вели дека прво се почнува со советување, со поддршка и на детето, но и на родителите.

– Не се оди веднаш на терапија со лекови. Даваме најчесто витамини за релаксирање, но ако состојбата е со поголеми размери, тогаш се дава и терапија со лекови. Ниеден производител на антидепресиви, не дава нив да ги користат деца, но праксата е таа, тие се користат каде што навистина има потреба – информира психологот.

Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт и основач на „Неокортекс“, центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, вели дека кај неа доаѓаат се повеќе деца и адолесценти кај кои таа препознава депресивни симптоми и реакци.

– Добро е што родителите сѐ повеќе се отворени за соработка и бараат стручно мислење и помош, односно дел од нив веднаш штом препознаат промени кај своето дете го носат за консултација и потенцијално третман. Следствено на ова, покрај индивидуалните психотерапии, семејно-системскиот пристап и сесии се секојдневие во нашата работа, особено кога станува збор за малолетни личности – вели Хаџиванова.

За тоа, како да се препознаат симптомите, што да преземат и како да постапат родителите, таа вели дека треба да се обрне внимание на повеќе нешта.

– Важно е да се знае дека депресивната слика кај децата и младите може да се манифестира со свои специфичности и разлики од сликата типична за возрасните, кои се должат на разликите во развојот, матурацијата и животниот циклус. Кај овие возрасни категории особено треба да обрне внимание во детекција на следните симптоми и бихејвиорално-емоционални промени: иритабилност и лесна раздразливост, променливост во расположението, пад на фрустрациона толеранција и опозиционалност особено во контакт со родителите, потешкотии во социјалните релации како конфликтуозност, или можеби повлекување и изолација, губење на секојдневните задоволства во кои до сега се уживало, односно намалување на играта и забавата, а чести се и соматските поплаки и тоа најчесто болки во стомакот и главоболки. Многу типични се и негативните вербализации за себе, поплаки дека не се доволно добри и како другите и не се популарни, односно јасно да го манифестираат падот на самодовербата и негативната слика за себе – појаснува Хаџиванова.

Значаен индикатор, додава таа, за родителите треба да биде и наглиот пад на училишниот успех и поведението во училиштето.

– Децата и адолесцентите имаат побунтовни психолошки механизми и често знаат да прават агресивни и бесни празнења (temper tantrum, acting out). Адолесцентот може да манифестира и мрзоволност, да се жали дека се му станало досадно, да биде претерано опседнат и незадоволен од физичкиот изглед, да се соочува со зголемени анксиозни стравови и тоа често врзани за телесното здравје. Морам да напоменам дека депресивноста кај адолесцентите во многу случаи оди заедно и со злоупотреба или зависност од психоактивни супстанци. Некогаш и не е така лесно родителите да ги разликуваат и препознаат симптомите, бидејќи често се препишуваат на пубертетот или другите развојни фази, како и психо-биолошките промени кои се нормативни за детството и адолесценцијата. Неопходни и пожелни се навремени реакции и рано препознавање од страна на родителите, па со внимателен пристап кон сензитивната детска и адолесцентска личност да се побара стручна помош за психодијагностика и третман со професионалец од областа на менталното здравје – додава психологот.

Според последните извештаи на Светската здравствена организација, во европскиот регион расте бројот на случаи со ментални проблеми и однесување кај децата и адолесцентите.  Последното истражување за здравствено однесување кај деца на училишна возраст, 29 отсто од петнаесетгодишните девојчиња и 13 отсто од петнаесетгодишните момчиња во европските земји, изјавиле дека „се чувствуваат „down“ повеќе од еднаш неделно. Исто така, едно од 10 адолесценти (петнаесетгодишници), редовно пијат алкохол еднаш неделно (9 отсто од девојчињата и 16 отсто од момчињата).

Во извештајот е нотирано дека самоубиството е водечка причина за смрт кај адолесцентите (на возраст од 10 до 19 години) во земјите со низок или среден приход, а е втора водечка причина за смрт во земјите со високи приходи во европскиот регион. Во 2015 година, во Европа имало над 4.000 самоубиства кај деца од 10 до 19 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...