Од вкупно 533.659 згради во С. Македонија, само 13.142 или 2,5 отсто имат пристап за лица со посебни потреби, пишува во четвртиот сет податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година. Овој изненадувачки мал процент покажува дека речиси никој од градежниците не се грижи за лицата со посебни потреби и не гради пристапни патеки до објектите.
Според податоците, во државата има 513.284 згради кои немаат пристап за лица со посебни потреби. Има и 7.233 згради за кои е непознато дали имаат пристап за овие лица. Во Скопје пак, 84.545 згради немаат вакви пристапи, а само 3.998 објекти имаат. Општина во која има најголем број згради во кои нема вакви пристапи, после Скопје, е Куманово, каде што има дури 26.904 станбени објекти во кои пристап за лицата со посебни потреби не постои.
Сузана Стојановска, од Здружението „Доза среќа“, вели дека и оние малкумина кои мислат на лицата со попреченост, градат пристапи до зградите, но тоа не го прават по стандарди и најчесто ги прават неправилно.
„На овие пристапни патеки не може здрав човек да се искачи, а камоли лице во инвалидска количка. Си има точно одредена косина по која тие треба да се градат. Сега и по ново, има лифтови кои се за инвалидска количка која се става на шина за да може да се искачи по скали. Но, во градов не гледам дека некаде тоа го има, иако во други држави има такви механизми“, вели Стијановска.
Пристапни патеки, но и специјални лифтови треба да има и во секое училиште, додава таа.
„И да не е ученикот инвалид, има деца кои се повредуваат, па со ногата во гипс треба да оди на училиште. Не би требало на ова да се мисли само кога станува збор за лица со инвалидитет. Што се однесува до станбените згради, би требало со закон да е уредено ова, односно ако некој сака да гради, да мора да овозможи соодветен пристап за лица со инвалидност. Инспекциите што ги пуштаат во употреба тие згради, не би требало да дадат дозвола ако нема такви пристапи“, додава Стојановска.
Таа наведе пример за самохрана мајка во Гоостивар и нејзината ќерка кои секојдневно се мачат да влегуваат и излегуваат во зградата.
„Жената има ќерка која е во инвалидска количка, а тие живеат на вториот кат. Буквално во раце ја носи, а таа не е малечка, има 16 години. прво ја качува ќерка си, па количката. Тоа се големи маки секојдневни. Има луѓе кои со години не излегле од дома, зашто немаат како да излезат“, нагласува Стојановска.
Во согласност со Програмата за објавување и дисеминација на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во државата, Државниот завод за статистика, во четвртиот сет ги објави пописните податоци кои се однесуваат на домаќинствата и семејствата. Тие се класифицирани според нивниот состав и големина, начинот на снабдувањето со вода за пиење на домаќинствата, број на станови според бројот на лица во становите, нивната опременост со инсталации и помошни простории и дел од карактеристики на зградите.
Инаку, постои Правилник за начинот на обезбедување на непречен пристап, движење, престој и работа на лица со со инвалидност до и во градби со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради, како и градби со станбено-деловна намена. Согласно членот 2 од овој правилник, пристапноста, унапредувањето на пристапноста и прилагодување на градбите, се обезбедува со проектирање и изведување на тие градби на начин кој содржи елементи на пристапност и/или ги задоволуваат условите за употреба на помагала кои ги користат лицата со инвалидност на начин и во случаите пропишани со овој правилник.
„Кога елементите за пристапност се воедно и дел од патот за евакуација во случај на опасност, тогаш истите треба да ги исполнуваат и условите од посебните прописи од областа на заштитата и спасувањето и од областа на заштитата од пожари и експлозии. Сопственикот на објектот треба да ги одржува елементите на пристапност без при тоа да ги намали условите за употреба на помагала на лицата со инвалидност“, наведено е во правилникот.