Единиците на локална самуправа имаат оценка од 33 проценти во под-областа интеракција со граѓаните, покажуваат дел од резултатите до кои дојде истражувањето на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Истражувањето на општините траеше помеѓу 1 јуни и 15 јули 2021 година, а ги опфати сите 80 општини и градот Скопје.
Повеќето општини имаат официјални профили на Фејсбук, а дел имаат и профили на други социјални медиуми. Истражувањето покажува дека само 25 општини на своите веб-страници имаат објавено време за консултации на градоначалникот со граѓаните. Само 10 единици на локалната самоуправа последната година постапиле по добиен предлог преку некоја од алатките за граѓанско учество (граѓанска иницијатива, собир на граѓани, референдум, претставки и предлози).
Во однос на планските региони, во под-областа интеракција со граѓаните највисоко се оценети Единиците на локалната самоуправа во Југоисточниот регион (40 проценти), а најниско општините во Југозападниот регион (23 проценти).
Општините Валандово и Кочани се највисоко рангирани со 75 проценти, додека пак општините Пласница и Богданци се најниско рангирани со 0 проценти.
Комуникацијата со граѓаните е од взаемен интерес
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов за „Мета.мк“ вели дека транспарентноста е суштински параметар за одговорното владеење и чесно практикување на јавни функции.
„Целта ја поставивме високо, се посветивме на неа и успеавме да ја постигнеме. Создадовме систем на ажурна транспарентност и истата ни е од огромна важност. Среќен сум што го постигнавме ова ниво и ќе дадам се од себе да го задржиме и надградиме,“ вели Костадинов.
Тој додава дека комуникацијата со граѓаните е од исклучително значење и оттука изградиле тим кој е обучен и посветено работи на социјалните мрежи. На тој начин, општината комуницира со граѓаните и ги информира за секоја одлука, при што, како што истакна Костадинов се гради долгорочна соработка.
„Будно ја следиме комуникацијата на социјалните мрежи, ажурни сме и даваме се од себе брзо да одговараме на секоја една граѓанска иницијатива или сугестија. Целта е заедничка, сакаме подобра заедница и сите заедно градиме иднина овде. Од тие причини, секој еден предлог е добредојден и му се посветуваме. Веруваме силно во транспарентното работење и преку ваков начин на функционирање ја јакнеме меѓусебната доверба со граѓаните,“ вели Костадинов.
Градоначалникот на Валандово потенцира дека преку интеракцијата многу поефикасно се доаѓа до граѓанските приоритети, а тоа е во двостран интерес. На тој начин, според него се зајакнува довербата и се зголемува ефикасноста на институциите.
Општините да ги користат дигиталните алатки и придобивките на технологијата
Во интеракцијата на Општина Валандово со граѓаните, од голема помош им е и дигиталната алатка „мЗаедница“, што претставува добар пример за комуникација.
Марија Василевска од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ кои ја креираа „мЗаедница“ за „Мета.мк“ вели дека станува збор за интерактивна дигитална платформа која се состои од мобилна и веб апликација за граѓаните, и административен панел за општините. Преку оваа алатка, граѓаните може да пријавуваат проблеми и да ги адресираат до соодветните општински служби.
Платформата е надградена со тоа што граѓаните, во чии што општини се користи оваа апликација може да аплицираат за субвенции за велосипеди, но и општините да можат да обработуваат податоци.
„Сега секоја општина може да добие податоци во 16 категории и истите да ги обработува и врз основа на тоа да прави политики кои потекнуваат од барањата на граѓаните и нивните потребите, но и проблемите кои ги пријавиле. Под категории подразбираме различни видови на обврски кои општината ги има спрема граѓаните, па врз основа на тоа може да се извлекуваат податоци и понатаму да се прават идните политики, се со цел општината да биде поблиску до граѓаните,“ вели Василевска.
Според нејзе проблемите кои граѓаните ги пријавуваат, навидум може да се мали и незначајни но сепак водат кон прогрес и промени во заедниците во кои живееме. Оваа платформа, засега се користи во општините Карпош, Валандово и Кочани.
Инаку од Фондација Метаморфозис информираа дека „Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2021 година најдобри резултати имаат општините Охрид (51 отсто), Василево (48 отсто) и Кочани (48 отсто), додека најниско е рангирана општината Пласница (3 отсто)“.
Истражувањето за 2021 година покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Резултатите во областите укажуваат на тоа дека ЕЛС применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење.
Па така, дел од општините не ги ажурираат редовно сите јазични верзии на веб- страниците, додека повеќето општини немаат некаков документ (стратегија, политика, постапка) во врска со отвореноста и транспарентноста. Општините, исто така, треба повеќе да инвестираат во едукација на вработените на овие теми.