Само 17 отсто од Американците го одобруваат преземањето на Гренланд, а мнозинството од демократите и републиканците се против користење воена сила за анексија на островот, покажува анкетата на Ројтерс и Ипсос.

Дводневната анкета, која заврши вчера, покажува дека постои голема загриженост кај американското население поради заканите на Трамп кон Данска за преземањето на Гренланд, кој со векови е данска територија.

Трамп изјави дека Гренланд е од клучно значење за безбедноста на САД и дека Вашингтон мора да го поседува за да спречи Русија или Кина во иднина да ја заземат стратешки важната територија, која е богата со минерални ресурси.

Официјални лица од Белата куќа разговарале за различни планови за ставање на Гренланд под американска контрола, вклучувајќи користење воена сила или исплата на еднократни суми на жителите на Гренланд за да ги убедат да се отцепат од Данска.

Околу 47 oтсто од испитаниците во анкетата не ги одобруваат напорите на САД да го преземат Гренланд, 35% рекле дека не се сигурни, а само 4 отсто се согласуваат со користењето воена сила за анексија на Гренланд.

Еден во пет испитаници рекол дека воопшто не слушнал за плановите за преземање на Гренланд. Ова прашање дојде во фокус откако Трамп ги засили своите напори да доминира во политиката во Западната хемисфера. На почетокот на месецот тој вети дека ќе ја „води“ Венецуела, откако нареди воена операција со која беше заробен претседателот на таа земја.

Данска предупреди дека користењето воена сила би значело крај на НАТО, трансатлантскиот одбранбен договор кој е клучен дел од светскиот поредок уште од 1949 година.

Околу 66 отсто од испитаниците, вклучувајќи над 90 отсто од демократите и 40 отсто од републиканците, изјавиле дека се загрижени дека обидите на САД да го преземат Гренланд ќе нанесат штета на НАТО алијансата и на односите со европските сојузници.

Трамп водеше кампања со ветувања дека ќе избегнува војни, што му донесе поддршка кај Американците уморни од децениските воени конфликти, како оние во Ирак и Авганистан. Желбата за нови странски конфликти, вклучувајќи и проширување на американската територија, остана ниска и во неговиот втор мандат.

Освен кон Данска, Трамп се закани и со дејствија против Иран доколку властите таму лошо постапуваат со демонстрантите. Минатата година тој нареди американски напади во поддршка на Израел за време на кратката војна со Иран. Последната анкета на Ројтерс и Ипсос покажува дека 33 отсто од Американците го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со Иран, додека 43 отсто не го одобруваат.

Новата анкета, спроведена онлајн на национално ниво, опфати 1.217 возрасни Американци и има маргина на грешка од 3 процентни поени.

Извор: Ројтерс