fbpx

Само 15 инспектори контролираат околу илјада меѓуградски и меѓународни автобуси! (инфографик)

-

Државниот инспекторат за транспорт има само 15 инспектори за контрола на 996 автобуси за меѓуградски и меѓународен превоз во земјава. За 16 месеци регистрирани се само осум случаи на претоварување на автобуси во меѓуградскиот превоз, а „Порталб“ регистрирал два такви случаи само за еден месец.

Според законските одредби, ДИТ врши надзор на меѓуградскиот и меѓународниот превоз на патници и стоки, превозот на опасни материјали, работното време на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај, заштитата и одржувањето на државните патишта како и набљудување на жичниците и ски-лифтовите. По сите нив, инспекторатот постапува со: 15 државни инспектори за транспорт, девет државни инспектори за патишта и еден инспектор за жичници и ски-лифтови, пишува „Порталб“.

  • Првиот случај на преоптовареност – април 2019
  • Вториот случај на преоптовареностмај 2019

– Во периодот од 2018 година до мај 2019, од страна на Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) се евидентирани вкупно осум неправилности кои се однесуваат на претовареност со патници. Овој вид прекршоци се забележани од страна на Државниот инспекторат за транспорт во текот на редовната инспекција (месечен план) или на лице место, но еден дел е со пријавување или претставки од самите граѓани – вели директорот на ДИТ, Руфат Хусеини.

Станува збор за автобуси на автопревозниците Екстра Бус ДООЕЛ – Кавадарци, Струмица Експрес – Струмица, Делфина Турс – Скопје, Метро Транс – Дебреште (двапати), Рама Турс – Дебреште, Мартиноски – Струга и Марио Транс – Македонски Брод.

На прашањето од „Порталб“, како се одредува месечниот план за контроли, Хусеини вели дека се одредуваат не повеќе од 20 инспекции месечно за секој инспектор.

Месечниот план се подготвува посебно за секој планиран инспектор: инспекции во седиштата на компаниите, инспекции на терен, местото и времето на инспекција. Бројот на инспекции се утврдува врз основа на обемот на работата во текот на инспекцијата. Еден инспектор за еден месец може да изврши 15 до 20 инспекции. Сите извршени инспекции врз основа на месечниот план се редовни инспекции – објаснува тој.

Хусеини вели и дека не се забележани случаи на продавање поголем број билети од бројот на седишта во автобус. Според него, проблемот со преоптовареноста се појавува бидејќи на авто-превозниците им се дозволува да качуваат патници на повеќе точки.

На прашањето дали Инспекторатот има одземено лиценца на меѓуградски превозници, Хусеини вели дека тие изготвиле четири такви барања за меѓународни превозници, но не за меѓуградски превозници.

Врз основа на одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај, ако државните инспектори за патен сообраќај во текот на извршување на инспекциски надзор потврдат дека се направени измени во поглед на основните услови за кои е издадена соодветната лиценца, како намалување на бројот на возила, шофери и слично, се поднесува предлог до министерот за транспорт и врски за усвојување на решение за одземање на лиценцата – објаснува директорот на Државниот инспекторат за транспорт.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...