Фото: Steven Cornfield on Unsplash

Американскиот Центар за контрола и превенција болести објави дека само 0,01 отсто од Американците кои досега примиле две дози вакцини против ковид-19 во изминатиов период од 1 јануари до 30 април се заразиле со корона вирусот. Заклучно со 30 април годинава, повеќе од 107 милиони граѓани на САД се вакцинирале со две дози, додека само 10.262 од нив се заразиле со корона вирусот по имунизацијата, јавуваат светските агенции.

Воедно, тие посочуваат дека постојат многу мал број случаи на имунизирани лица од САД што се заразиле со корона вирусот и завршиле со смртни последици од ковид-19. Во овој период на истражување, само 160 лица што примиле две дози вакцини починале и сите биле повозрасни пациенти меѓу 61 и 78 години. Ова значи дека процентот на лица кои биле вакцинирани, по што се заразиле и починале од ковид-19, е на нивото од 0,0001 отсто вкупниот број на вакцинирани лица со две дози.

Во САД во досегашниот процес на имунизација на населението се користеа три вакцини против ковид-19 (Фајзер/Бионтек, Модерна и Џонсон/Џонсон), кои се одобрени за употреба од страна на Федералната администрација за храна и лекови на САД (ФДА).