Грчкиот премиер Андонис Самарас вети проширување на владината коалиција и потенцијален договор за избори во 2015 година, во замена за национален консензус за да се избере претседател до 29 декември. За да ја смири политичката тензија, која е создадена по скандалот со Павлос Хаикалис, пратеникот од Независни Грци кој тврди дека му се нудел поткуп за да гласа за претседател, Самарас, во ненадејно обраќање до народот, повика да се постигне национален консензус и да се стави крај на ситуацијата на политичка неизвесност.
Според Самарас, граѓаните не сакаат предвремени избори и политичарите треба да направат нешто за да одговорат на ова барање. Ги повика пратениците да го послушаат здравиот разум и гласот на националните интереси, да постигнат договор за Димас да биде избран за претседател, за Грција да може да продолжи со преговорите за иднината и за денот кога ќе го напушти пакетот за штедење и за да се договорат за нови уставни промени. Во замена за поддршката за Димас, Самарас понуди тие што ќе гласаат за претседател по изборите да влезат во широката владина коалиција.
– По изборот на претседател, можеме да ја прошириме владата, со учество на други политичари кои веруваат во европската перспектива на државата, за да сме пообединети во следниот чекор – истакна Самарас во јавното обраќање до народот и до пратениците.
Откако ќе се заврши преговарањето со меѓународните кредитори и ќе се усвојат нови уставни промени, државата економски и политички засилена може да оди на избори.
– Тогаш ќе може да најдеме соодветна временска рамка за избори, дури и на крајот на 2015 година – истакна Самарас.
Не изостанаа обвинувањето кон лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, за кој премиерот смета дека стои зад скандалот со Хаикалис во обид дополнително да се дестабилизира државата.
Овој пакет за владина реконструкција и за избори пред 2016 година, кога е регуларниот датум, доаѓа 48 часа пред вториот круг од гласањето, закажан за 23 декември, кој ќе се случува во клима на политички хаос, недоверба и на обвинувања од сите страни поради скандалот за обид за поткуп на пратеници.