fbpx

Самарас го предложи Димас за наследник на Папуљас

-

Ставрос Димас е кандидатот на владината коалиција за наследник на претседателот Каролос Папуљас. Грчкиот премиер Андонис Самарас само што најави дека поранешниот министер за надворешни работи и поранешен еврокомесар ќе биде во трка за претседател на предвременото гласање кое ќе почне на 17 декември.

Димас важи за кандидат со умерени ставови и со силен меѓународен кредибилитет. Покрај Димас, кој беше шеф на дипломатијата за време на преодната влада на Лукас Пападимос во 2011 година и кој важи за човек од доверба на Самарас, медиумите калкулираа и со имињата на наследникот на Пападемос, кој кратко време ја водеше техничката влада во 2012 година, Панајотис Пикраменос и со новиот грчки еврокомесар и ексминистер за одбрана, Димитрис Аврамопулос. Исто така, во игра се и европскиот посредник и академик Никофорос Диамантуру, претседателот на судот на ЕУ, Василис Скурис, но и претседателот на музејот на Акропол, Димитрис Пандермајлис, во случај изборот да падне на личност која не е поврзана со политиката. Медиумите ги споменуваа и имињата на поранешната грчка еврокомесарка Мариа Даманаки, како и на поранешната европратеничка на Нова демократија, Мариета Јанаку, како можни кандидатки бидејќи се слушаа информации дека Самарас можно е да сака да постави жена на претседателската функција.

Првото гласање ќе биде на 17 декември, а последното на 29 декември, непосредно пред завршувањето на годината.
Сите очи во суштина ќе бидат завртени кон третото гласање, на кое, за разлика од првото и од второто, наместо 200, се потребни 180 пратеници за да се избере претседател. Јасно е дека владата со сегашното мнозинство од 155 гласа нема да може да добие 200 пратеници кои ќе го поддржат заедничкиот кандидат. Иако е тежок потфат, владата се надева дека ќе може да успее да придобие 180 гласа. Според досегашните математики кои се пренесуваат во грчките гласила, владата претпоставува дека има околу 172-173 речиси сигурни гласови и идниве денови ќе се обиде со лобирање меѓу независните кандидати и дел од кандидатите од помалите левичарски партии, како Демократска левица, да дојде до бројката 180 пратеници.

Она што со сигурност се слуша е дека нема да добие никаква поддршка од СИРИЗА, Комунстичката партија, Златна зора, Независни Грци. СИРИЗА нема да предложи свој кандидат и ќе работи на целта да има 121 пратеник против владиниот кандидат на сите три процедури на гласање за да може да се распишат предвремени парламентарни избори. Од опозициската партија се убедени дека претседателските избори се чекор до предвремените парламентарни избори, бидејќи не гледаат како владата ќе успее магично да ги придобие на своја страна пратениците од другите партии што се бунтуваат против нејзината економска политика.

Независните кандидати и останатите пратеници со предвремените претседателски избори, во суштина, ќе застанат соочени со две дилеми. Првата, таа на владата, да се продолжи сегашната политика и Грција за кусо време да застане стабилно на нозе и да излезе од програмата за штедење или, пак, под водство на СИРИЗА да се втурне државата во нова политичка неизвесност. Втората дилема, пак, онаа на СИРИЗА, се однесува на тоа дали сакаат да се продолжи катастрофалната строга политика на штедење или, конечно, да се направи пресврт и да се стави крај на пакетот за штедење кој ја држи Грција како марионета во рацете на странските кредитори.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...